Сарачини: Струјата нема да поевтини, граѓаните да ја штедат

Граѓаните да ги сменат досегашните навики, рационално да ја трошат струјата и повеќе да штедат, порача денеска министерот за економија Ваљон Сарачини, напоменувајќи дека производството на електрична енергија е се поскапо, а цената на струјата ќе се зголемува.

- Намалување на цената на електричната енергија сигурно нема да има. Напротив, ќе има поскапувања на струјата и затоа е време да се насочиме кон поголема енергетска ефикасност, истакна министерот Сарачини на прес-конференцијата во Министерството за економија.

Замена на старите светилки со енергетски поефикасни, промена на старите со нови ПВЦ прозорци и поголема изолација на објектите, како и купување апарати за домаќинство со поголема енергетска ефикасност, се дел од мерките за поголема заштеда на струја што ги предлага Министерството, а се содржани во брошурата „Штеди, вклучи го мозокот, исклучи ја струјата“.

- Со поефикасно затоплување, поефикасна изолација и поефикасно осветлување може да заштедиме 20 до 40 проценти од трошоците за енергија, а државата околу 700 гигават-часови, посочи Сарачини и апелира што помасовно да се користат кредитните линии што ги нудат банките за проекти за енергетска ефикасност.

Министерството за економија годинава со шест милиони денари ќе го субвенционира инсталирањето сончеви колектори. Средствата ќе се реализираат од февруари и за разлика од лани изборот ќе биде потранспарентен.

Според професорот Константин Димитров, секој дом мора да води сметка за својот буџет и да ги промени своите навики. Нема подобра инвестиција отколку вложување во енергетска ефикасност.

- Енергетската ефикасност за Македонија не е само задача на патот кон Европската унија, туку потреба. Тоа е најдобриот енергетски ресурс. Вложено евро во енергетска ефикасност се враќа со добивка од три евра, рече Димитров, додавајќи дека свеста за енергетската ефикасност кај македонските граѓани е се поголема, но нема доволно познавање за неа.

Согласно енергетскиот биланс за 2012 година, планирано е за енергија да се потрошат околу 82 илјади тера џули од кои околу 30 отсто во секторот домаќинство. Во однос на структурата на потрошувачка на енергеси е предвидено да се потрошат околу 52 отсто електрична енергија, 33 отсто за биомаса, 6,7 за топлина, 0,5 отсто за јаглен и околу 0,3 отсто за сончева енергија. 

Имаме силни рекации од страна на компаниите кои ги наведуваат и штетите кои ги трпат овие денови. Согласно Законот за енергетика Макпетрол Пром гас не смее да го направи тоа затоа што се работи за јавна дејност. Испративме допис до Регулаторната комисија за енергетика во кој препорачуваме да се интензивираат разговорите со Макпетрол промгас за да најдат конечно решение и да се договорат. Во спротивно регулаторот ќе мора да преземе некакви други мерки дали преку судот или на крајот одземање на лиценцата.