Манифестација „Новогодишна елка на желби“

На 67 деца од згрижувачките семејства денеска во рамки на манифестацијата „Новогодишната елка на желби“ им беа исполнети желби што ги посакале минатата година.

Во рамки на манифестацијата, која се организира трета година по ред од страна на Црвениот крст на Град Скопје, децата од згрижувачките семејства и децата од улица на „Новогодишната елка на желби“ ги закачуваат своите желби, а подароците им ги обезбедуваат компаниите и хуманите граѓани, со поддршка на Црвениот крст и Министерството за труд и социјална политика.

- Секое дете од згрижувачките семејства на елката за новогодишни желби напиша која е неговата желба, која се обидовме со поддршка на хуманите граѓани да им ја исполниме, рече министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски.

Генералниот секретар Саит Саити смета дека манифестацијата е показател за тоа како можат да соработуваат граѓанските организации, граѓаните и институциите.

Акцијата е иницирана од Црвениот крст на Македонија, прифатена од Министерството за труд и социјална политика. Во нејзини рамки беа исполнети сите желби на децата кои ги посакаа минатата година, рече Саити.

Децата од згрижувачки семејства се деца кои на еден или друг начин биле доведени во ризик од своите биолошки семејства, а државата интервенирала и ја презела грижата за нив.