Средба на премиерот Заев со еврокомесарот Хан во Њујорк и вечера со високата претставничка за надворешна политика на ЕУ, Могерини: Поддршка за демократските процеси и започнатите реформи во Македонија со порака дека се важни за перспективите на Македонија

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, во Њујорк се сретна со комесарот за проширување на ЕУ, Јоханес Хан.

“Продолжете да работите демократски на започнатите реформи. Тоа што ќе го постигнете е важно за песпективите на вашата држава и за целиот регион“ порача еврокомесарот Хан. Тој ги оцени иницијативите на Владата на Македонија за добрососедство и регионална соработка како корисни во процесот на интегрирање на целиот Западен Балкан во евро-атлантските интеграции.

Премиерот Заев соопшти дека Владата на Република Македонија е активно фокусирана на реализација на реформскиот План 3-6-9 и на потребните активности за остварување на стратешките евро-атлантски цели на државата.

-Ја заокружуваме првата фаза според предвидениот рок, до крајот на септември. Го имаме Извештајот на експертот од ЕУ, Прибе и неговите сугестии ќе бидат земени предвид во вториот дел од Планот на којшто веќе работиме. Нашата цел е да создадеме услови за квалитетен живот на граѓаните на Македонија и за евро-атлантските интеграции. Работиме напорно, инклузивно, вклучувајки ги граѓаните, граѓанските организации, политичките партии, ги зацврстуваме постоечките пријателства и градиме нови со државите од соседството и на меѓународен план. Со право очекуваме исчекор во европските интеграции на есен, преку тргање на условеноста на препораката, а потоа и датум за преговори. Паралелно сметаме дека ги исполнуваме потребните услови и за интеграцијата во НАТО, рече премиерот Заев.

На средбата се разговараше и за отворените можности за напредок на Македонија на економски план, преку зголемениот интерес на домашните и странските инвеститори и придонесот што ќе имаат отворени евро-атлантски перспективи за економскиот развој на Република Македонија.

По едночасовната средба на премиерот Заев со еврокомесарот Хан, претседателот на Владата на Република Македонија беше на вечерата што за лидерите на Западен Балкан ја организираше високата преставничка за надворешна и безбедносна политика, Федерика Могерини, во седиштето на делегацијата на ЕУ при ОН.