Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев во Собранието на РМ по повод 10-годишнината од прогласувањето на Меѓународниот ден на демократијата

 

Добровечер почитувани граѓани, почитувани пратеници, актуелни и поранешни, почитувани присутни, почитувани медиуми,


Овој настан, на којшто во Домот на граѓаните, Собранието на Република Македонија, го одбележуваме Меѓународниот ден на демократијата испраќа силна порака дека демократските вредности се наша заедничка определба.


Подадовме раце едни кон други кога избравме да чекориме по патот на демократијата, Македонци, Албанци, Турци, Срби, Роми, Бошњаци, Власи, други, независно од политичките, етничките или други определби.


Владата на Република Македонија го слушна гласот на огромното мнозинство граѓани, ја разбра волјата на граѓаните којашто е на линија на владините политики:


Да работиме заедно.
Секој да биде вклучен.
Да бидеме отворени.
Секој да добие можност.
Да се почитуваме.
Затоа што – Секој е важен.
Така се гради Едно заедничко општество за сите.


Едно заедничко општество за сите е иднината на Република Македонија.


Граѓаните покажаа дека го знаат тоа.


Како претставници на граѓаните да ја почитуваме нивната волја и зад граѓанските и државните интереси да застанеме заедно, Влада, Парламент, претседател на државата, власт, опозиција, институции, граѓански организации, експерти, поединци.


Вечерва ја испраќам пораката до сите, Владата на Република Македонија е подготвена да биде партнер на сите. Бидете и вие партнер на Владата. Заеднички ќе бидат напорите и заеднички ќе ни бидат резултатите.


Како премиер, во име на Владата се обврзувам дека ќе ги продолжиме и ќе ги интензивираме инклузивните политики во општеството, како и соработката на регионално и меѓународно ниво. Тие ја отвораат демократската иднина на Република Македонија кон демократскиот свет. Две дестинации водат кон демократскиот свет, што ќе ја обезбедат економската и безбедносната стабилност на државата. Тоа се ЕУ и НАТО. Крајот на оваа 2017 година и следната 2018 година носат реални шанси за перспективи кон ЕУ и НАТО. Моментумот е важен.


Потребна е одговорност и сериозност.
Да се здружиме и да успееме, заедно.

Демократијата почитувани граѓани носи мир, индивидуален спокој и економски напредок.


Светот го препознава значењето на демократијата и изградбата инклузивни општества.


Затоа оваа година Меѓународниот ден на демократијата е на тема: Демократија и спречување конфликти. Затоа светот оценува дека за мир и стабилност, потребно е зајакнување на демократските институции. Или, како што стои во објаснувањето за изборот на темата, потребна е изградба на еластично општество со инклузивно демократско владеење, со почитување на човековите права и владеење на правото.


Го искусивме ударот врз демократијата токму во овој Парламент, којшто од политичката криза излезе посилен затоа што успеа да ги надмине политичките интереси препознавајки дека излезот е во почитувањето на заедничките граѓански интереси.


На денешниот Меѓународен ден на демократијата светот се фокусира и на зајакнување на граѓанското општество, а Република Македонија и Владата на граѓаните што ја предводам веќе се отворени за граѓанските организации кои станаа цврста алка во изградбата на независни демократски институции во коишто се практикуваат демократски политики каде граѓанинот е власт, а власта нему му служи.


Универзалната декларација за демократија на Интерпарламентарната унија што ја поттикна Организацијата на Обединетите нации да го прогласи 15 септември за меѓународен ден на демократијата, е обврска за сите нас да ги почитуваме одредбите за зачувување на достоинството на поединецот, постигнување социјална правда, поттикнување економски и социјален развој на заедницата, кохезија на општеството за национален мир.


И сето ова Владата го прави и е подготвена да го обезбеди, посветено, енергично, ефикасно, почитувани граѓани и присутни, заедно со сите вас.


Република Македонија доби Влада што го слуша неуморно гласот на поединецот и на општеството. Промените во државата сакаме да ги мотивираме низ промени во начинот на работа на самата Влада, низ внатрешна отвореност, ако е потребно и критика, за да дојдеме до најдобрите решенија.


Затоа што оваа демократска Влада знае дека демократијата не е едноставен процес и не се стекнува еднаш за секогаш, туку тоа е пат што се оди, а цвеќињата по него треба постојано да се полеваат за да живеат и да `не радуваат со нови бои.


Нашата држава почитувани граѓани помина многу искушенија на демократијата: првите парламентарни избори во 1990 година, изборот на првиот претседател Киро Глигоров во 1991 година, потоа и првата Влада предводена од Никола Кљусев, референдумот за независност, донесувањето на новиот Устав исто во 1991 година, формирањето на Армијата во 1992 година, бранот меѓународни признавања на Македонија од 1992 година, воведувањето државна валута, прогласувањето на химната, полноправното членство во Генералното собрание на ОН во 1993, пописот во 1994, усвојувањето на официјалното знаме во 1995, успешното надминување на воениот конфликт во 2001, добивањето статус земја кандидатка за членство во ЕУ 2005 година, визната либерализација во 2009, воспоставената трговска асоцијација меѓу Македонија и ЕУ во 2011, договорите 1 и 2 од Пржино што обезбедија пат кон првите демократски избори по долгогодишен период на 11 декември, формирањето реформска, отчетна и транспарентна Влада на 1 јуни оваа 2017 година.


Паралелно се развиваше и граѓанскиот активизам преку издавањето на првиот адресар на НВО Македонија во 1996 година, формирањето на Зелената коалиција за еколошка заштита на Велес во 2008 година, формирањето на граѓанската иницијатива АМАН за заштита на правата на исклучените потрошувачи од мрежата за парно во 2013 година, формирањето на најмасовната иницијатива Студентски пленум во 2014 година, референдумот за ГТЦ во 2015 година, формирањето на движењето Шарена револуција што ја одбележа 2016 година, но, и беше своевиден прв чекор кон пресвртот во граѓанската свест и мотивацијата на граѓаните за излезност на изборите и вклучување директно во политичките процеси.


Денес, како што реков, граѓанските организации се активен дел од креирањето и реализацијата на политиките со коишто демократска Република Македонија се стреми да го официјализира својот статус и како европска Република Македонија и достојна членка на НАТО Алијансата.


Низ реформските процеси што обезбедуваат фер шанси и еднакви шанси за сите, ја правиме возможна оваа демократска иднина на Македонија, којашто ќе овозможи многу економски придобивки за секој граѓанин. Како што ја чувствува слободата секој граѓанин, така слободата ја чувствуваат и домашните и странските инвеститори чијашто заинтересираност се зголемува и ги очекувам во скоро време и првите видливи резултати.


Ги заменивме со енергичност и оптимизам - заморот и цинизмот и да продолжиме по тој пат.


Човекот, граѓанинот почитувани граѓани е првиот дом на демократијата.


Да ги поттикнеме демократските вредности во себе и да ги споделиме меѓу себе. Низ демократијата да ги обезбедиме неопходниот мир и потребната економска стабилност, за нас и за нашите деца, кои ни се потребни во и за нашата заедничка држава, Република Македонија.