Усвоена Националната програма за прифаќање на правото на ЕУ, ревизија 2012 година

Владата на Република Македонија на вчерашната седница ја усвои Националната програма за усвојување на првото на Европската унија (НПАА), ревизија 2012 година.

НПАА претставува клучен документ за процесот на интеграција во ЕУ, кој ја одразува динамиката на усогласување на националното законодавство со европското, како и прилагодувањето на националните институции кон европските административни структури.   НПАА ги обединува сите документи давајќи сеопфатен преглед на реформите, усогласување на законодавството, на административните структури потребни за имплементација на законодавството, како и на неопходните финансиски ресурси.

Во подготовката на НПАА учествуваат сите министерства и други органи на државната управа кои ги планираат активностите од нивниот делокруг на работа. При подготовката на НПАА, ревизија 2012 година, земени се предвид препораките и забелешките на Европската комисија од последниот Извештај за напредокот на Република Македонија.

Согласно предвидената динамика НПАА, ревизија 2012, ќе биде доставена до Собранието на Република Македонија во наредната недела,  а во текот на јануари преку јавна дебата ќе биде презентирана пред граѓанскиот сектор. Исто така, во јануари Националната програма за усвојување на правото на ЕУ, ревизија 2012, ќе биде преведена и доставена до Европската комисија.