Бектеши: Ги враќаме парите кон граѓаните – 60 милиони денари за поддршка на домашен туризам и за работници со ниски приходи

Владата на Република Македонија, во соработка со Министерството за економија, само една недела по враќање на евтината тарифа на електрична енергија, на вчерашната седница ја утврди постапката со која на работниците со примања до 22.000 денари, ќе им се овозможи да искористат годишен одмор, вон сезона, во туристичките центри на Република Македонија, сами или со членовите на потесното семејство, со поддршка од мерката на владата во висина до 15.000,00 денари.

По тој повод, денеска во прес корнерот на владата, министерот за економија Крешник Бектеши и директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот Александар Донев, одржаа прес конференција на која беше промовирана новата мерка.

Министерот Бектеши потенцираше дека со оваа мерка, освен работниците придобиваат и туристичките центри кои веднаш по завршување на летната сезоната работат со минимално искористени капацитет, и дека со оваа мерка им се помага за зголемување на обемот на работа надвор од туристичката сезона.
Имено, врз основа на Ребалансот на Буџетот на Република Македонија во Програмата на Министерството за економија се обезбедени средства во износ од 60.000.000,00 денари за поддршка на домашен туризам за работници со ниски приходи, односно околу 4000 семејства ќе можат да ја искористат оваа мерка на владата.

Врз основа на оваа програма, Министерството за економија во наредните денови ќе објави два јавни повици и тоа: Еден за пројавување интерес на угостителските објекти кои ќе ги примат потврдите издадени од страна на Министерството за економија и еден повик за добивање на потврда за организирање на одмор за работниците со пониски примања, односно со примања до 22 илјади денари по семејство – рече министерот.

Според плановите на оваа мерка одморот ќе биде организиран во нашите туристички центри надвор од местото на живеење на подносителот на барањето во период не повеќе од пет 5 денови, а од министерството потврдите ќе се издаваат по принципот „прв дојден – прв услужен“.

На прес конференцијата се обрати и директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, Александар Донев ја поздрави оваа мерка и потенцираше дека со неа, од една страна државата им овозможува на работниците со ниски приходи да користат субвенциониран годишен одмор, а од друга страна се овозможува продолжена туристичка сезона што претставува раздвижување на туризмот и повеќе пари од буџетот на Република Македонија да завршат како поддршка за домашните туристички капацитети.

Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, заедно со Владата на Република Македонија, продолжува ентузијастички да работи на проекти за развој на домашниот туризмот – рече Донев.

Рокот за прием на апликации за сместувачките туристички капацитети е до 5 септември, оваа година.