Груевски: Грција не е заинтересирана за надминување на разликите

Премиерот Никола Груевски смета дека вчерашните одговори на грчкиот колега Лукас Папдемос и лидерот на Нова Демократија Антонис Самарас се најрадикалните ставови на Грција што ги имала во сопствената историја во однос на  спорот со името.

- Ставот што го соопшти премиерот и одбивањето на средба од страна на Самарас се постапки кои укажуваат дека немаат намера да се занимаваат со овој проблем.Тие одбегнуваат средби на секој начин и на секое можно ниво, изјави премиерот Груевски одговарајќи на новинарски прашања по поставувањето камен темелник на новиот студентски дом „Стив Наумов“ во Скопје.

Доколку евентуално биде извршен притисок од меѓународната заедница врз нив, премиерот смета дека тоа очигледно според намерите што ги покажуваат во овој период ќе биде глумење на средби затоа што тој што реално и искрено сака средба ќе го направи сега без некој да го притиска. - Тој што е загрижен за состојбата и сака да реши едно прашање, кое е проблем за него, но и за соседната земја, тој нема да чека да има некаков притисок врз него, па потоа да одглумува дека прави некои преговори, дека е многу великодушен и многу се труди ама другата страна е многу тврда, истакна премиерот. 

Според него се минираат какви било разговори со позиции што се ултрарадикални и за кои што однапред знаат дека од никого во Македонија нема да бидат прифатени, ниту од власта,  ниту од опозицијата, буквално од никого.  - Прилично сум загрижен за однесувањето на Грција и ваквиот начин на однесување очигледно е со намера да не се дојде до некакви разговори. Доколку во наредниот период под некаков притисок се почнат разговори, според она што сега гледам како се однесуваат најверојатно тоа ќе биде ткн. блејмгејм, односно на секој начин ќе се обидат да прикажат дека прават напори, но оти ние не сме благодарни за тие напори и не одговараме соодветно, рече премиерот.

Тој изрази жалење што и оваа нова политичка гарнитура во Грција не само што не наоѓа слух за ова прашање, туку оди чекор назад.

По барање на новинарите да ги коментира шпекулациите за можното излегување на Грција од Привремената спогoдба, премиерот Груевски смета дека двете лица кои ги коментираат тие прашања, се на некој начин во директна корелација со грчкото МНР и тоа е наменето, како што рече, за останатите, а не за нас.

- Тоа е наменето за нашите сојузници, како за заплашување, особено за оние кои длабоко не се навлезени во спорот. Мислам дека идејата е да ги заплашат со тоа дека Грција може да направи уште порадикален чекор од овој и да не се осудат да направат каков било притисок, рече Груевски.

Македонскиот премиер не сакаше да коментира во врска со можноста Македонија да стане членка на НАТО на Самитот што треба да се одржи во Чикаго, во мај.

- Очигледно беше дека на Самитот во  Букурешт земјите - членки донеле одлука која е резултат на претходни нелегални чекори на еден нивни член. Донесен е заклучок откако земјите - членки беа доведени во заблуда односно по нелегалниот чекор на една земја-членка. Од тој аспект останува да видиме колку сето тоа ќе биде респектирано од Алијансата, појасни тој.

Дури и по донесувањето на одлуката на Меѓународниот суд за правда во Хаг, подвлече Груевски, Грција покажува оти нема намера да го решава прашањето за името.

- Дали НАТО ќе покаже респект кон Меѓуанродниот суд во Хаг останува да видиме во мај, на Самитот на Алијансата што ќе се одржи во Чикаго, изјави премиерот Никола Груевски.