КСС: Социјалниот дијалог дава резултати, ќе продолжи и натаму за унапредување на работничките права

Конфедерацијата на слободни синдикати КСС наредната година ќе се обиде да најде заедничко решение со Владата околу предлогот да се дадат повеќе услови за пензионирање, а не само старосната граница, ќе иницира измени во Законот за работни односи за унапредување на правата на работниците, а ќе преговара и за потпишување на Колективниот договор за јавниот сектор.

Претседателот на КСС, Ратко Мишковски на денешната прес-конференција истакна оти се надева дека со Владата ќе најдат заеднички решенија и дека ќе продолжи социјалниот дијалог онака како што тоа било случај годинава.

- Постигнавме заеднички решенија по многу прашања, а можеби најзначајно е утврдувањето на минималната плата. Законот за нејзино утврдување наскоро треба да се донесе во Собранието, а со тоа ќе се унапредат правата на многу работници, рече Мишковски.

Тој е задоволен и од функционирањето на Економско социјалниот совет, тело на кое, како што рече, биле поставени многу прашања и предлози од кои голем дел Владата ги прифатила.

Министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски се согласува дека социјалниот дијалог функционира добро и го дели ставот дека резултат на таквото функционирање е утврдувањето на минималната плата, нешто, на кое, како што рече, се чекало 20 години.

Најави оти и во иднина дијалогот со партнерите ќе продолжи во интерес на работниците, но притоа рече оти нема да се заборават и потребите на работодавачите. На таков начин, рече, ќе се создаде добра економска клима во земјава која ќе биде во корист на сите.