Премиерот Заев од Сараево: Република Македонија и Република Босна и Херцеговина имаат заедничка стратешка цел - ЕУ, и единствен став е дека мултикултурните општества се предност за напредокот

Делегација на Република Македонија предводена од Претседателот на владата Зоран Заев, денеска е во официјална посета на Република Босна и Херцеговина.

Во изјавата за новинарите, за посетата на владината делегација на Република Македонија, за која во Босна и Херцеговина владее исклучителен интерес, д-р Денис Звиздиќ, Претседател на Советот на министри на Босна и Херцеговина,истакна дека денеска се сретнале високи владини делегации на две пријателски земји, кои немаат отворени прашања и чии односи се развиваат по нагорна линија во сите области.

Двајцата лидери на владите на Република Македонија и на Босна и Херцеговина, изразија огромно задоволство од севкупната подготвеност од страна на двете земји, сеопфатно да соработуваат и на регионален план, како основа за остварување на заедничката стратешка цел на двете држави – членство во Европската Унија.

Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев, нагласи дека денеска од Сараево е испратена силна порака дека Босна и Херцеговина и Македонија почнаа регионална соработка, утврдена на Самитот за Западен Балкан во Трст, дека ја покажуваат на дело со потпишувањето конкретни меморандуми и договори, кои што се од многу големо значење за граѓаните на Република Македонија и на Босна и Херцеговина.

Премиерот Заев и д-р Звиздиќ, Претседател на Советот на министри на Босна и Херцеговина, истакнаа заеднички став дека и двете земји имаат многу особености што ги поврзуваат и дека тоа е уште една предност за натамошно продлабочување на односите, и можност за споделување искуства.

„Ние сме две земји што веруваат дека е огромно богатство и предност нашата мултиетничност, мултирелигиозност и мултикултурализам, и дека тоа богатство претставува сериозна предност во нашиот напредок во севкупниот развој кој што го планираме за нашите земји. Верувамдека еднаквоста помеѓу различностите е темел на Европската Унија дека заедно ќе ја унапредиме. 

Пораката што сакам да ја испратам од овде од Сараево е дека доаѓа време кога политичар од еден етникум ќе се бори за унапредување на  правата на граѓаните од друг етникум. Тоа е иднината  којашто овој наш мултиетнички регион треба да ја има и да ја негува“, истакна премиерот на Република Македонија, Зоран Заев.

Двајцата премиери истакнаа огромно задоволство од можноста повторно да се видат кога владина делегација на Република Босна и Херцеговина ќе ја возврати посетата на Република Македонија, и дека тогаш ќе може да се потврди реализацијата на договорените заеднички иницијативи, како што се олеснување на царинското работење меѓу двете земји, воспоставување на олеснети комуникациско-транспортни коридори, вклучувајки и директна авио линија меѓу Сараево и Скопје, меѓусебно признавање на возачките дозволи и други проекти договорени на оваа средба.

Во завршницата на своето обраќање по повод резултатите од оваа средба, премиерот Заев испрати порака до граѓаните на Босна и Херцеговина почесто да  ја посетуваат Република Македонија,  да ја чувствуваат како своја пријателска земја, да го помогнат унапредувањето на соработката помеѓу двете земји. 

Истата порака Претседателот на Владата на Република Македонија од Сараево им ја упати и на  граѓаните на Република  Македонија, што почесто да доаѓаат во Сараево, во Мостар, и во другите градови на Босна и Херцеговина, за заеднички придонесво унапредувањето на меѓусебните односи. 

Во текот на денот, Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев и владината делегација, во која се и Оливер Спасовски, министер за внатрешни Работи, Љупчо Николовски, министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, Бектеши Крешник, министер за економија, Роберт Алаѓозовски, министер за култура и Едмонд Адеми, министер без ресорзадолжен за дијаспората,имаа работен состанок со членовите на Советот на министри на Република Босна и Херцеговина.

Во рамките на оваа средба,  денеска е поптишан Меморандум за разбирање  помеѓу Министерството  за надворешна трговија и економски односи  на Босна и Херцеговина и Министерството  за земјоделство, шумарство и водостопанство на Република Македонија. Договорот го потпишаа министрите Мирко Шаровиќ и Љупчо Николовски

Министерот за култура Роберт Алаѓозовски и министерот за цивилни работи во владата на Босна и херцеговина Адил Османовиќ, потпишаа Програма за културна соработка.

Владината делегација на Република Македонија, предводена од премиерот Заев, имашесредби и со високи претставници на Претставничкиот дом на Парламентарното Собрание на Република Босна и Херцеговина, со Претседателството на Република Босна и Херцеговина, како и со лидери на одделни политички партии.

Во текот на ова попладне, делегацијата на Република Македонија ќего посети спомен обележјето во Ротимље, во чија близина трагично го загуби животот Претседателот на Република Македонија Борис Трајковски и членовите на неговата придружба.

Македонската делегација во рамките на посетата на Република Босна и Херцеговина, вечерва ќе престојува и во Мостар, каде што на Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев, ќе му биде врачена наградата „Mostar Peace Connection“ и каде што ќе биде потпишан документот „Мостар повелба на мирот“.