Интервју со министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески за МИА

Што го одбележа работењето на Министерството за транспорт и врски во 2011 година?

- Слободно можам да кажам дека изминатава година реализиравме голем број проекти кои повеќекратно позитивно ќе се одржат на економскиот развој на нашата држава како и за подигнување на квалитетот на животот на граѓаните на Република Македонија.  Еден од најкапиталните проекти е модернизацијата и реконструкцијата на двата аеродроми во Македонија, со што добивме претставителни порти кон нашата земја за сите кои го користат авионскиот превоз. Овој проект кој се реализира по пат на концесија претставува нешто што требаше одамна да се случи. И покрај скептицизмот кој од различни страни беше изразуван за време на неговата имплементација, сепак неизбежна реалност е дека Македонија денес има нови, модерни и репрезентативни аеродроми.

Во 2011 година видливо беше и тоа дека продолживме да ја реализираме нашата заложба за изградба на добра патна мрежа и се реализираа голем број на проекти за изградба на локални, но и на регионални патни правци. Во овој дел, кога се прави еден ваков рекапитулар, со задоволство можам да потсетам дека годинава ја завршивме изградбата на автопатот Табановце – Куманово, а се заокружи финансиската конструкција и започна постапката за избор на изведувач на градежните работи за изградба на автопатната делница Демир Капија – Смоквица на Коридорот 10 за што очекуваме во првата половина на 2012 година да започне и изградбата со што целиот коридор 10 во Македонија ќе биде изграден на ниво на автопат. Со проектот за изградна на локални патишта во изминативе 2 години изградивме повеќе од 100 патишта пред се до рурални средини кои претходно немаа добар пристап до патната мрежа, а оваа година се заврши изградбата, односно реконструкцијата и на 5 регионални патишта.
Оваа година, по долги децении возење во стари и делумно исправни автобуси, граѓаните на Скопје добија нови и современи автобуси, кои се далеку поудобни и побезбедни од претходните. Во сообраќај во главниот град се 80 нови нископодни и 68 двокатни автобуси кои се уникатни и препознатливи само за Скопје. Дополнително, по постапките кои ги спроведовме, во Скопје ќе бидат доставени и нови 134 двокатни автобуси, 15 отворени двокатни автобуси за панорамско разгледување и 16 нови миниавтобуси за приградските линии.

Скопје доби уште едно ново обележје, а тоа е жичарницата на Водно, која е на потегот од Средно Водно до Милениумскиот. Ова е реализација на уште еден капитален и долгоочекуван проект, а за оправданоста на оваа инвестиција и значењето кое таа го има сведочи огромниот интерес и бројката од повеќе од 100.000 посетители за неполни 6 месеци.

Од големо значење за подобрувањето на животниот стандард и економскиот развој на секоја средина е добрата инфраструктура. Свесни за тоа, континуирано ја даваме својата безрезервна поддршка за изградба на истата во населените места ширум Македонија. Освен во делот на изградба на локални патишта, Владата на Република Македонија им помага на општините и во делот на изградба на комунална инфраструктура. Годинава започна со реализација проектот за водоснабдување и одведување отпадни води  кој е финансиран од Европската инвестициона банка и Буџетот на Република Македонија а средствата ќе бидат дадени на општините како грант од Владата на Република Македонија со цел општините да обезбедат одржливост на изградените системи.  Се надевам дека 2011 година многумина ќе ја паметат и по тоа што започна процесот за решавање на нивното најзначајно прашање – прашањето за домување во рамките на процесот за утврдување на правен статус на бесправно изградените објекти.


Колку ќе се инвестира идната година  во патната инфраструктура и кои се плановите во делот на изградбата на автопатиштата од Коридорот 8?

- Согласно предлог-буџетот на Агенцијата за државни патишта, за изградба и реконструкција на патишта за 2012 година предвидени се повеќе од 78 милиони евра. Овие средства се наменети за подобрување на патната мрежа во преку изградба на нови и рехабилитација на постојните патишта. Предвидено е да продолжат активностите за изградба на регионалните патишта Штип - Струмица на делницата Сурдулци-Радичево, рехабилитација на автопатот Катланово - Велес и рехабилитација на регионалните и локалните патишта финансирани со заеми од Светската банка и ЕБОР  во чии рамки  ќе се опфатат  4 регионални патишта, и тоа:  Струга - Дебар, Радовиш - Конче, Кавадарци - Мушов Гроб и Ангелци - Вељуса, а ќе се рехабилитираат и околу  140 локални патишта.
Во однос на изградбата на патната инфраструктура на Коридорот 8, како што веќе информиравме, во овој период истече предвидениот рок согласно јавниот повик за доставување барања за учество во постапката за доделување концесија за вршење на работите за изградба, реконструкција, одржување, наплата на патарина и користење на државните патишта во Македонија. Со оглед на фактот дека до крајниот рок не е доставено ниту едно барање за учество во постапката од страна на компаниите кои ја поминаа фазата на претквалификација, во следниот период Владата ќе ја утврди динамиката и начинот на финансирање за реализација на предвидените проекти кои се опфатени со двата пакети, сé со цел создавање подобра и поквалитетна патна инфраструктура во Република Македонија.

Овој месец добивме позитивен одговор од НАТО дека во 2012 година ќе ја продолжиме добрата соработка која ја воспоставивме при реализација на проектот за санација на мостовите на коридорот 10. Станува збор за средства во висина од 8,6 милиони евра кои ќе се искористат за санација на 16 моста на патната делница Скопје – Велес. Во 2012 е предвидено изготвување проектна документација и избор на изведувач, а реални градежни работи во 2013 година.

Кои активности и инвестиции се планирани во железничкиот сектор?

- Во првата половина на 2012 година планирано е започнување на градежни работи за ремонт на делниците долж Коридор 10 и тоа Табановце – Куманово и Миравци – Смоквица, а во втората половина од 2012 година се планира да се објави тендер за избор на фирма која ќе го врши ремонтот на делницата Ногаевци – Неготино, а се планира градежните работи да започнат во текот на  2012 година.  За изведување на градежните работи веќе се обезбедени средства по пат на кредитно задолжување од Европската Банка за обнова и развој во висина од 17,6 милиони евра.

Во 2012 година, Министерството за транспорт и врски ќе продолжи со реализација на повеќе проекти со што полека, но сигурно работиме на отпочнување со доизградбата на железничкиот дел од коридорот 8 во Македонија. На самиот почеток на 2012 година се планира да се обезбедат потребните средства за изработка на инвестиционо – техничката документација по пат на грантови од меѓународните финансиски институции, до средината на 2012 година да се објави тендер за избор на фирма, а до крај на годината да се склучи договорот. Покрај тоа, според предвиденото, во првата половина на 2012 година треба да се изготви тендерската документација за изработка на техничката документација за изградба на делницата од Кичево до Лин, граница со Република Албанија. Воедно, што се однесува до одржувањето на постојната мрежа на Коридор 8, до средината на 2012 година се планира да се изработат основните проекти за рехабилитација на оваа делница, а средствата за оваа намена се обезбедени преку инструментот WBIF, а поддржани од Европската Банка за обнова и развој. Согласно правилата на банката, извршен е избор на консултант кој има задача во рок од 12 месеци да ги изработи основните проекти, да даде техничка помош на ЈП „Македонски Железници Инфраструктура“ – Скопје при подготовката на техничката документација за избор на градежна фирма и помош во постапката за склучување на договор со фирмата која ќе работи на рехабилитацијата на делницата од Куманово до Белјаковце. Според нашите планови, до средина на 2012 година е предвидено да започне постапката за избор на градежна фирма која во рок од 2 години треба да ги изведе градежните работи. Во почетокот на 2012 година, планирано е да се поднесе апликација за обезбедување на грант - средства во висина од 2.5 милиони евра за избор на фирма која ќе врши надзор над градбата, со која би се потпишал договор до крај на 2012 година.

Како се одвива на терен легализацијата на дивоградбите, колку објекти се легализирани и можни ли се законски измени во насока на олеснување на процесот?

- Процесот за легализација на бесправно изградените објекти на територијата на Република Македонија се одвива според планираното и задоволен сум од бројот на поднесени барања за легализација на објектите согласно крајниот рок. До крајниот рок за поднесување на барањата беа доставени вкупно 353.060, а според информациите од локалната самоуправа, досега се легализирани повеќе од 10.000 објекти. Сепак, бројот на издадени решенија од страна на општинските власти од ден на ден се зголемуваше повеќе. Во овој историски процес, важно е општините со полн капацитет да работат на решавање на комплетните барања и да се запазат законските рокови, со цел поефикасно да го заокружиме целокупниот процес за легализирање на бесправните објекти на територијата на Република Македонија.

Во насока на олеснување на  процесот третата недела во јануари на  седница на Економскиот совет во Владата ќе презентирам измени на  Законот за  третман на бесправно изградени објекти, на што работиме по забелешките кои ги добивме од општините и ЗЕЛС.  Измените се во насока на допрецизирање на законот. Ќе има измени  и на Законот и на Правилникот  за да може што поголем број објекти да се легализираат  и да се допрецизираат  некои нејаснотии. Првата наша цел кога го правевме законот беше што  поголем број луѓе да аплицираат, а  сега кога дојдовме  до процесот за легализација треба да ги поедноставиме процедурите за да може  тој да се одвива побргу. Општините имаат неразјаснети  прашања,  пример за постапување за функционална целина, односно дали да се легализира ако првиот спрат е карабина, а вториот изграден. Има нејасностии  и околу корисничките права на земјиштето, со оглед дека има доста кориснички права на земјиште на субјекти кои не постојат. Трет сегмент е тоа што одреден објект на лице место е куќа, а во Деталниот урбанистички план (ДУП) е зграда, или обратно, па сега прашањето  е кои комуналии да се пресметуваат.

Што со најавените казни за тие што не пријавиле нелегален објект?

- Законот што го предложија пратениците е сеуште  во собраниска процедура. Го поддржувам затоа што треба еднаш засекогаш да се стави крај на нелегалната градба и  покрај тоа што има дел од општините кои и после законот  на некој начин дозволуваат или не ги санкционираат дивите градби. За некои општини веќе  презедовме   конкретни мерки и во наредниот период за нив ќе има санкционирање.


Какви се ефектите во поглед на почнати инвестиции по лицитациите  со државното градежно неизградено земјиште што ги спроведе Министерството и колку сте задоволни од  динамиката на преземање на надлежностите на општините во менаџирањето со земјиштето?

- Министерството за транспорт и врски во 2011 распиша 177 јавни објави за отуѓување на градежно земјиште сопственост на Република Македонија, по пат на јавно наддавање. Врз основа на спроведени јавни наддавања, Министерството за транспорт и врски со најповолните понудувачи има склучени 185 договори за отуѓување на градежно земјиште сопственост на Република Македонија со цел реализирање на предвидените инвестиции и истите се солемнизирани. Од отуѓеното земјиште во 2011 година собрани се средства во висина од приближно 12.5 милиони евра од кои 80% се слеваат во општинскиот Буџет а останатите 20% во Буџетот на Република Македонија.
Од јули 2011 година, единиците на локалната самоуправа имаат законска можност да управуваат со постапките за отуѓување на земјиштето по пат на јавно наддавање и до сега вкупно 14 општини самите управуваат со градежното неизградено земјиште откако ги исполниле потребните законски услови. Во постапка е одлучување по барањата на 12 други општини за пренесување на надлежностите во делот на управување со градежното земјиште.

Ја користам оваа прилика, да упатам уште еден апел до сите градоначалници што поскоро да ги исполнат условите согласно Законот за градежно земјиште, да ги преземат потребните чекори и да ги исполнат законските услови кои ќе им овозможат управување со градежното неизградено земјиште во сопственост на Република Македонија.

Како се одвива процесот на приватизација на општествени станови  и кои се плановите за изградба на станови за социјално ранливите групи?
 
- Продажбата на становите во општествена сопственост  е континуиран процес кој се реализира во изминатиот период и овој процес ќе продолжи и во 2012 година по поднесените барања на носителите на станарско право кои поднеле барање согласно крајниот рок - 31 декември 2010 година, како и за лицата кои го добиле или ќе го добијат правото да ги купат становите согласно Законот за домување. Постојат повеќе случаи односно категории на барања за откуп на општествените станови и тоа од страна на корисници на станови за кои се водат судски постапки, станови за кои ќе се одлучи да не се продаваат односно да бидат заменети со друг стан од страна на Владата на Република Македонија, станови кои до 31 декември 2010 година не се внесени во евиденцијата на станови во сопственост на Република Македонија, станови за кои се водат постапки за пренос на правото на користење на стан по основ на Законот за денационализација и Законот за припадниците на безбедносни сили на Република Македонија и членовите на нивните семејства. Овие носители на станарско право да поднесат барање за откуп на станот во Министерството за транспорт и врски по завршување на постапките, и истите ќе можат да ги купат становите по поволни услови согласно Законот за продажба на становите во општествена сопственост. Заклучно со крајот на оваа година вкупно се поднесени 1.603 барања за откуп на општествени станови, а од нив завршени се 161 предмет. За споредба, во периодот од 2001 до 2009 година биле поднесени вкупно 67 вакви барања, а биле решени 6.

Вториот дел од Вашето прашање се однесува на Проектот за домување на социјално ранливи групи, чија вкупна вредност изнесува 50,7 милиони евра и со истиот е предвидена изградба на вкупно 1.754 стана во 26 градови на територијата на Република Македонија. Досега се изградени и вселени  осум објекти со 339 станa и тоа два објекти во Скопје, и по еден објект во Македонска Каменица,  Кавадарци, Охрид, Кичево, Кочани и Крива Паланка. Во тек е изградбата на  220 станови во Битола, Штип и Берово.

Кога ќе се реализира најавата за субвенционирање авиокомпании од државата и кои се следните чекори  за унапредување на состојбите во таа област?

-  Министерството за транспорт и врски презеде активности во врска со дополнување на Законот за воздухопловство и додадовме нов член со кој се дава основ Владата на Република Македонија да додели финансиска поддршка на авиопревозниците кои оперираат и ќе оперираат од аеродромите во Република Македонија. Постапката за донесување на дополнувањето на законот за воздухопловство е во собраниска процедура и очекуваме истиот да биде усвоен на почетокот на 2012 година.

Можам да истакнам дека со усвојувањето на споменатото дополнување, потребно ќе биде да се донесе тригодишна Програма со која ќе се определи висината на финансиските средства и Одлука со која ќе се определи начинот и критериумите за доделување на истите од страна на Владата на Република Македонија.

Со реализација на активностите, се очекува значително зголемување на бројот на патниците во воздушниот сообраќај во државата, да се зголеми бројот на авиопревозниците, воспоставување нови дестинации и формирање поконкурентни и подостапни цени во воздушниот сообраќај.

Почнавте активности за усогласување на домашното законодавство со Европската директива за аудиовизуелни медиумски услуги со презентирање првични предлози, но наидовте на критики дека излегувате надвор од директивата со т.н лесна регулација што ја предлагате.  Ќе има  ли ново законско решение или промени во постојните?

- Ние ја започнавме дебатата за тоа дали е потребно да се направи ново законско решение или да се направат измени во постојното во делот на оперирањето на медиумите. Наша главна цел е имплементирање на европското законодавство и во оваа област, секако поаѓајќи од начелото на заштита на слободното новинарство. За овој процес добивме и поддршка од Европската Комисија, која испрати еден од своите експерти во рамките на инструментот за техничка помош TAIEX. Очекуваме до крајот на оваа недела да добиеме записник од експертот кој ќе ни даде конкретни насоки што понатаму. Во наредниот период ќе има многу јавни расправи заедно со министерот за информатичко општество и администрација Иво Ивановски  бидејќи од 1 јануари тој ги презема  ингеренциите во делот  на радиодифузијата и електронските комуникации. Ние почнавме со овој закон, така што ќе одиме до крај со измена на законската регулатива и ќе  комуницираме со сите инволвирани страни.

Станува збор за три  столбови на кои се потпираат нашите предлози - првиот е ЕУ директивата  за аудиовизуелни политики,  вториот се препораките од Советот на Европа и третиот е извештајот за напредокот на Македонија од Европската Комисија. Направивме компаративна анализа со земји  како што се Словенија и Хрватска и сите искуства што мислевме  дека се добри за Република Македонија ги дадовме како предлог текст и треба да се дискутира. Не велиме дека мора да стои во законот. Со т.н лесна регулатива се предвидува електронските  и печатените медиуми, значи веб  порталите и печатените само треба да се регистрираат  односно да  има база на податоци каде треба да се регистрираат. Нашата идеја беше сите добри пракси што се од земјите од регионот и од Европа да ги имплементираме во нашиот закон бидејќи имавме доста забелешки дека целокупниот пазар не е регулиран.

Вашиот ресор и Вие како министер за транспорт годинава често  бевте прозивани за случајот со уривањето на станбено-деловниот „Космос“, како, според опозицијата, еден од одговорните за нелегално уривање на голем објект со голема инвестиција, како и за „упад“  во повлекувањето на мислењето на Архитектонскиот факултет?

 - За мене најважно е законот  да важи за сите и не треба да се злоупотребува еден случај во рамки на Собранието. Сите документи, докази, сите испитувања што беа и од инспекторот во рамки на Општина Гази Баба  и од Државниот инспектор за градежништво покажаа дека има градба која не е  во согласност  со одобрениот проект и тоа  беше санкционирано. А во поглед на шпекулациите за Архитектонскиот  факултет, професорите и деканот од таму имаат свој  авторитет и дигнитет, така што не верувам дека некој може да влијае на нивното мислење. 

Коментар за информациите во јавноста дека заминувате на некое од амбасадорските места.

-  Посветено ќе ја извршувам функцијата министер за транспорт и врски се додека сум на чело на оваа институција. Откако сум  министер за транспорт „ме носат“ постојано на некоја функција,  од   директор на Агенција за државни патишта, преку директор на УЈП, па министер  за финансии, па амбасадор, па не знам што. Сметам дека целта е едноставна, а тоа е да се демотивираат вработените во министерството и да се делегимитира моето работење. Најверојатно опозицијата нема со што да се занимава, па измислува приказни за мојата кариера.

Напорно ли е да се опстои пет години на министерска  функција?

- Да се биде министер на едно Министерство кое има голем број ингеренции и паралелно спроведува голем број проекти и реформи е доста напорно, но исто така бара големи откажувања пред се на приватен план, но кога се реализираат проекти кои се видливи тоа дава дополнителна сила за понатамошни успешни остварувања. Особено во 2011 година реализиравме  голем број проекти, меѓу кои и модернизацијата на аеродромите, автопатот  Табановце - Куманово, легализацијата како процес, сите постапки што ги скративме со Законот за градење и сите овие постигнати успеси ми дадоа дополнителна сила. Пред некој ден имавме состанок со инвеститори кои и претходно биле тука, но сега ми рекоа дека кога  пристигнале проверувале дали навистина слетале во Македонија или не. Новиот аеродром е еден од проектите што ќе се памети.

Кога дојдов на министерската функција, имав неколку основни цели – воведување на трет мобилен оператор, а сега веќе имаме и четврт, модернизација на аеродромите, што веќе е постигнато, како и започнување со изградбата на пругата кон Бугарија и комплетирање на патниот коридор 10 – два проекти коишто од ден на ден, со посветено и чесно работење се повеќе стануваат реалност. Имено, два од овие проекти се веќе реализирани, третиот е во поодмината фаза т.е  се прави евалуација на понудите и се очекува градбата да започне во првата половина од 2012,  а за Коридорот 8 се движиме во добра насока и имаме силна поддршка од меѓународните банкарски институции. Очекувам кон крајот на наредната година  да се склучи договор за рехабилитација на пругата Куманово - Белјаковце, а некаде во 2014 да почнеме со изградба на делот од Белјаковце до границата со Република Бугарија.  Веќе е направена  физибилити-студија, еколошка студија и ќе почне јавна расправа од јануари. ЕБРД не поддржуваат, ќе има ИПА средства, ќе се финансира слично како Коридорот 10, така што сме во добра насока да почне изградбата.

извор: МИА

новинар: Лидија Велковска

Категорија: