Заев: Почнуваме со реформскиот План 3-6-9, за сериозен пробив кон Европската Унија и НАТО и за подигнување на квалитетот на живот на граѓаните на Македонија

Почитувани граѓани, почитувани медиуми,

Владата на Република Македонија го прави првиот чекор за сериозен пробив кон евро-атлантските интеграции, после големиот долгогодишен застој на државата.

Еве го Планот 3 – 6 – 9 што отвора перспективи на Република Македонија и на граѓаните кон Европската Унија и кон НАТО и којшто значително ќе го подигне квалитетот на живот во државата.

Тоа што Владата го создаде овој реформски документ значаен за иднината на Македонија, само месец по формирањето, и како што ветивме, отворено, инклузивно и транспарентно, со сите засегнати страни, ја покажува нашата силна определеност, да бидеме максимално одговорни кон обврските што ги презедовме. Република Македонија да биде почитувана држава на достоинствени граѓани, Македонија за сите.

Еве оттука почнуваме.

Ова е почетната точка, Планот 3 – 6 – 9, на итните реформски приоритети, што вчера го усвои Владата на Република Македонија.

Планот го насловивме 3 – 6 - 9 затоа што ги означува наредните временски точки на нашето заедничко придвижување напред.

За три месеци треба да ги заокружиме првите реформи.

Целта ни е до одржувањето на локалните избори да обезбедиме аргументација за Европската Комисија да ја отстрани условеноста на препораката за почеток на пристапните преговори.

За 6 месеци планираме да го заокружиме вториот реформски круг. Целта ни е до Советот на ЕУ во декември 2017 да покажеме сериозни резултати во повеќе области што ќе ја зацврстат перцепцијата за Македонија како сериозна земја кандидатка на Европската Унија.

За 9 месеци имаме намера да ги имплементираме третиот круг реформи, за до следниот Извештај на ЕК за Македонија да ги насочиме  земјите членки на Унијата кон дискусија за утврдување на датум за претпристапни преговори на Европската унија со Република Македонија.

Ова очекувам во брзо време да ги обезбеди и перспективите на Македонија во НАТО Алијансата. 

Најавувам:

-    Демократски Парламент;

-    Реформи во судството;

-    Реформи во медиумите ;

-    Борба против организираниот криминал и корупцијата ;

-    Реформи во јавната администрација ;

-    Реформи во безбедносните служби ;

-    Услови за фер и демократски избори според препораките на ОБСЕ/ ОДИХР и сите други релевантни меѓународни организации ;

-    Кохабитација со претседателот на државата.

Владата ќе продолжи да соработува со граѓанското општество како рамноправен партнер и коректор на нејзините одлуки, со целосно право да учествува во градење на политиките, да сугерира и да критикува. Имаме намера, дијалогот на Владата со граѓанското општество да биде континуиран, транспарентен и целосно инклузивен.

Ќе овозможиме опозицијата да се вклучи во спроведувањето, надзорот и консултациите околу мерките во Планот, како и сите други поединци, групи, партии, организации.

Сите реформи сакаме да ги направиме на принципиелна основа, низ темелно согледување на состојбите и системско решавање на проблемите, а не избрзани или половични решенија.

Тоа ќе бидат суштински промени во корист на секој граѓанин и затоа подаваме рака кон сите. Одлучни сме да работиме низ принципите на вклученост, правда и правичност.

Овие реформи за коишто зборувам, се потребни пред се заради нас, како граѓани и како држава. Сега постои политичка волја за промени.

Како премиер кој ја предводи оваа општествена акција што ја отворивме, апелирам: Се работи за иднината на Република Македонија, за иднината како граѓани и иднината на нашите деца. Нашата работа почнува сега.

Напорите да ги удвоиме. Имаме вистинска шанса Македонија конечно да ја извлечеме од долгогодишната криза и суштински, еден по еден, да ги решиме длабоките проблеми.

Сегашноста да не ја испуштаме. Ова е моментот на позитивна клима и енергија што низ заедничките досегашни напори допре и до Брисел и демократскиот свет, коишто сакаат да ја поддржат Македонија.

Тоа води кон заеднички напредок.

Тоа води кон квалитетен живот на сите во Република Македонија.

 

Почитувани, доколку сакате да го преземете „Планот 3-6-9“ тоа можете да го сторите на следните линкови:

- План 3-6-9 на македонски јазик;

- План 3-6-9 на англиски јазик ;

- План 3-6-9 на албански јазик .