Премиерот Никола Груевски оствари средба со шефовите на дипломатско-конзуларните претставништва на Република Македонија во странство

Денеска во Владата на Република Македонија, се одржа средба на претседателот на Владата, г-дин Никола Груевски, со шефовите на дипломатско-конзуларните претставништва на Република Македонија во странство.

На средбата беа разгледани активностите на дипломатско-конзуларните претставништва во текот на оваа година, и беше разговарано за целите кои треба да се остварат во текот на следната година.

Се разговараше и за поголема фокусираност на претставништвата на економска проблематика, пред се околу ангажманот за претставување на Република Македонија како поволна дестинација за водење бизнис и лобирање за привлекување на странски директни инвестиции, презентација на можностите за развој на туризмот, како и за презентирање на можностите и помош за пласман на производите од домашните производители на пазарите во земјите во кои претставништвата ја извршуваат својата функција.

Беше акцентирана и определбата од засилени активности во насока на поддршка на дијаспората и искористувањето на нејзините потенцијали во насока на реализација и промоција на нашите државни интереси.

На состанокот беше заклучено дека во текот на идната година нашите претставништва треба да продолжат со мерките и активностите за реализација на стратешките определби за членство на Република Македонија во НАТО и Европската Унија, и претставување на достигнувањата на државата во исполнувањето на стандардите на овие организации.

Воедно, на состанокот беше констатирано дека од сериозно значење е воспоставувањето и имплементацијата на систем за креирање на кадри кои ќе ја засилат дипломатската мрежа.