Премиерот Заев на средба со Синдикатот од Колска: Вработените ќе ги добијат заостанатите плати, ќе има и трајно решение за статусот на фабриката

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, се сретна со претставници на Синдикатот на фабриката за шински возила Колска од Велес, со претседателот на Синдикатот, Слободан Димитровски и со двајца членови на претседателството, Влатко Митревски и Марјан Мицев.  

Премиерот Заев на средбата соопшти дека презема обврска уште денеска да почне решавањето на проблемот на вработените кои шест месеци немаат земено плата, а ќе се изнајде и трајно решение за статусот на фабриката Колска.

По насока на премиерот, проблемот финансиски ќе биде решен со што 125-те вработени во Колска, во најкус можен рок ќе можат да си ги земат одработените плати.  

Претставниците на Синдикатот се пожалија дека досега се соочувале со несериозен однос од страна на државата, поради што освен што е загрозена егзистенцијата на вработените, тие немаат ни здравствено осигурување. Поради ова, дел од нивните колеги се соочуваат со сериозни здравствени последици. Претставниците на Синдикатот на фабриката за шински возила Колска велат дека проблеми со платите имаат со години поради несигурниот работен статус и проблемите поврзани со опстанокот на фабриката. Тие посочуваат дека фабриката и е потребна на државата, но според нив, од необјасниви причини, не се користела, додека биле распишувани тендери со странски фирми за одржување на патнички и товарни вагони, тоа што е нивна дејност. Тие како решение предложија враќање на фабриката Колска во рамки на Ј.П. Македонски железници.

Премиерот Заев најави дека до крајот на неделата ќе одржи стручни консултации за трајно решавање на статусот на фабриката Колска и обезбедување на работниот однос на вработените во неа.