Груевски: Ќе продолжат мерките за намалување на бројот на азиланти од Македонија

Државата ќе продолжи со реализација на активностите за натамошно намалување на бројката на македонски граѓани што бараат азил во европските земји, преку подобрување на економската состојба и натамошно информирање дека не можат да добијат азил заради тоа што не доаѓаат од земја во која има политички турбуленции или војна, изјави премиерот Никола Груевски.

Тој истакна оти е свесен дека ромската популација тоа го прави најчесто заради економски причини, и оти заради тоа се прават максимални напори да се подобри нивната економска состојба.

- Прво со проектите што се зацртани во нашата Програма се обидуваме да ги подобриме колку што е можно повеќе условите на живеење што ги имаат во средините во кои живеат. Потоа преку различни програми се обидуваме да вработиме дел од нив во јавната администрација или да им овозможиме подобро образование. Да речеме, имаме програма која што не е само за Ромите, туку и за сите, но најмногу ја користат тие, а со која за секое дете кое што ќе оди во средно училиште, а е дете на родители што примаат социјална помош семејството да добива дополнителни 12.000 денари. Најголем дел од корисниците на оваа програма исто така се од ромската популаци, рече премиоерот Груевски одговарајќи на новинарско прашање при посетата на детската градинка во „25 Мај“, клон „Сонце“ во Гази Баба.

Тој додаде дека има и други проекти поврзани со здравството, со образованието, инфраструктурата, но оти покрај тоа се спроведува и кампања за информирање што може да се случи доколку тие побараат азил.

- Особено тоа го прават ромските претставници од Владата. Тие во изминатите недели водеа кампања која ќе продолжи и во периодот кој претстои, одејќи од град во град држејќи отворени разговори со поголем број на луѓе од ромска етничка припадност објаснувајќи им да не подлегнуваат на манипулациите од различни туристички агенции или поединци коишто сакаат да заработат пари на нивната мака, а практично само ќе си го загубат времето и ќе потрошат пари и повторно ќе бидат вратени бидејќи статистиката покажува дека без малку се вратени сите што побарале азил, рече македонскиот премиер.

Тој најави дека ваквите активности ќе продолжат и ќе бидат интензивирани и наредната година.

Македонскиот премиер, одговарајќи на новинарско прашање најави дека во наредните две-три недели ќе биде објавен тендер за изградба на нова болница на местото на бараките во кои е сместена болницата за белодробни заболувања кај деца- Козле.

- Ќе бидат инвестирани околу седум и пол милиони евра, а ќе има капацитет од 100 легла. На ваков начин ќе се заменат сегашните стари и руинирани бараки, кои што долги години се на тоа место, со нова модерна зграда во која ќе може да се даде подобро згрижување за децата, рече премиерот Груевски.