Груевски: Економијата е стабилна, а девизните резерви на задоволително ниво

Eкономијата е стабилна, финансискиот сектор безбеден, девизните резерви се на задоволително ниво, а задолжувањето, како и буџетскиот дефицит се на ниско ниво, изјави денеска премиерот Никола Груевски по посетата на ЈУ Детската градинка „25 Мај“ во Гази Баба, клон „Сонце“, во која се имплементира проектот „Мозaик“.

Одговарајќи на новинарско прашање, Груевски рече оти внимателно се следат случувањата во еврозоната, а работите засега се одвиваат согласно проектираното.

- Внимателно следиме што се случува во еврозоната и доколку има потреба можеби ќе излеземе и со одредени чекори. Засега работите се одвиваат согласно предвиденото и проектираното. Во првата половина од годината имавме висок раст, но откако почна должничката криза во ЕУ веднаш проектиравме дека ќе има забавување на растот и тоа и се случи. Но, се уште имаме раст и тоа е добро. Ќе продолжиме да ја следиме состојбата и ќе ја спроведуваме програмата, а доколку има потреба ќе излеземе и со дополнителни мерки, рече Груевски.

Во однос на проектот за изградба на туристички зони околу езерата во земјата, премиерот објасни дека станува збор за овозможување одредена територија земјиште на кое се предвидува изградба на хотели и развој на туризмот во Република Македонија.

- На овој проект се осврнавме на последната седница на Комитетот за туризам и можам да ви кажам дека сме во фаза на подготовка на закон со кој ќе се формираат овие туристички зони. Наскоро, законот ќе излезе, ќе ги имате сите детали, но од она што го расправавме ќе се оди во правец да се овозможи одредена територија на земјиште, главно покрај Охридско, Преспанско и Дојранско езеро, за почеток тие ќе ни бидат фокусот, да се формираат одредени поголеми локации од повеќе хектари што ќе бидат во близина на езерото и ќе бидат наменети за изградба на хотели и други рекреативни содржини поврзани со хотелиерство, изјави Груевски.

Прво, појасни премиерот, локациите ќе бидат понудени како цели зони, а подоцна доколку не успее продажбата на цели зони ќе се оди парцијално за изградба на хотели.

- За нив ќе се дадат специјални бенефиции за да се привлечат повеќе инвеститори да изградат хотели во овие зони, кои подоцна ќе ни носат повеќе гости, туризам, повеќе девизен прилив, повеќе вработувања и посилна економија. Министерството за транспорт и врски доби задача некаде до крајот на јануари да излезе со Предлог-закон пред Владата, онака како што е зацртано во нашата предизборна програма. Проектот е сличен како технолошко-развојните индустриски зони каде што се привлекуваат инвестори кои градат фабрики, потенцираше премиерот Груевски во изјава за медиумите.