Заев: Инвестиции и се потребни на Македонија и силно сме насочени кон создавање стабилна деловна клима!

 

Почитувани граѓани, почитувани мои сограѓани од Струмица почитуван амбасадор на САД, Џес Бејли, почитуван потпретседател на операциите на фабриката Адиент, Владимир Теплик, почитувани присутни, претставници на медиумите, почитувани пратеници, советници, градоначалници, мои сограѓани. многу ми е драго што еве денеска сме овде во еден убав свечен момент.

Како Влада, силно посветена на евро-атлантските интеграции, широко ги отвораме перспективите на Република Македонија, за квалитетен живот на граѓаните на нашата земја.

Отворањето на американската фабрика Адиент, којашто почна да се гради пред доаѓањето на новата Влада, овде во технолошко индустриската развојна зона во Струмица. Проектот го почна претходната Влада, како градоначалник тогаш дадов поддршка на овој проект и го поздравив. Еве, денеска ја имам честа да присуствувам на неговото свечено отворање, да го поздравам да ја понудам целосната поддршка моја и на новата Влада во нејзината перспектива која што проектира овде за струмичкиот регион и за нашата Македонија. Оваа странска, американска инвестиција отвора работни места и поради тоа е од огромно значење на граѓаните на нашата земја. Инвеститорот ќе остварува приход и профит. Граѓани на Македонија ќе бидат вработени. А државата ќе наплаќа данок. Сето тоа е добро и корисно за сите и тука сум да испратам порака дека ние, како сериозна и одговорна Влада го поддржуваме овој значаен проект.

И сакам да ве уверам дека ќе одиме чекори понатаму во работата во интерес на граѓаните. Ќе работиме да обезбедиме услови, оваа компанија, позната за регионот, којашто се решила да инвестира тука, да остане и да се развива во нашата држава и да отвори и нови работни места, покрај најавените.

Инвестициите и се потребни на Македонија и поради тоа ќе посветиме големо внимание на развивањето поволна деловна клима во државата. Во тоа име, ги поздравувам сите државни службеници кои работеа досега и продолжуваат да работат на привлекување странски инвестиции како и овозможување на поволна клима, секако рамноправно и на домашните инвеститори.

Струмица е првата општина во Југоисточна Европа којашто доби Меѓународен сертификат за поволно деловно опкружување пред 5 години, како еден од најважните фактори за бизнис секторот и привлекување на инвеститори. Општината има најдобри практики за транспарентно работење. Затоа и невработеноста во овој дел од Македонија е на ниско ниво. Затоа и интересот за инвестирање овде е голем.

Но уверен сум, од одлучноста и ентузијазмот со којшто работи новата Влада, дека доаѓаат и добри времиња за сите граѓани на Македонија.

Уверен сум дека ќе успееме да го свртиме вниманието кон нашата држава како сигурна правна држава, достојна за реални и квалитетни странски инвестиции.

Преку реформскиот процес зад којшто застанавме цврсто како Влада, ќе ги отвориме евро-атлантските интеграции на Македонија. Насочени сме да овозможиме доследна примена на законските и правните регулативи, со еднакви шанси за сите и со политики на нула корупција.  

И ова ќе има двоен ефект.

Исполнувањето на условите за ЕУ и НАТО, ќе ја постави Македонија меѓу државите стабилни за инвестирање. Тоа ќе биде охрабрување за странските инвеститори, вистински, квалитетни, модерни, развиени компании како оваа, да вложуваат во Македонија.

Но ќе биде охрабрување и за домашните фирми.

Најавивме дека Владата ќе насочи голема државна помош и кон домашните фирми.

Таа конкуренција на економскиот пазар помеѓу фирмите, ќе стимулира квалитет во работењето, ќе поттикнува конструктивна конкуренција во обезбедувањето подобри услови за работа во Македонија, поголема грижа за работниците, повисоки плати.

На овој начин ќе обезбедиме поволна деловна клима во целата држава.

Нашата цел е, почитувани граѓани, и инвеститори - актуелни и потенцијални, како држава да обезбедиме вистински развој на бизнис секторот, затоа што само тоа е патот кон посакуваниот и потребниот економски развој на Република Македонија.

Ако фирмите и компаниите добро работат, тогаш ќе има и повисоки плати за работниците и нови работни места за граѓаните. Ќе има и економска стабилност и напредок во државата.

Македонија има природни потенцијали, има вредни работници, има и квалификувана работна сила.  

Тоа што е потребно е политичка добра волја. Добра волја да се работи за доброто на сите граѓани на Република Македонија.

 

Оттука сакам да ја испратам пораката. Ќе се грижиме за секој работник. Ќе се грижиме за секоја фирма, претпријатие, компанија.

Нема да има привилегии.

Во правна и праведна држава, новата Влада на Република Македонија ќе го реализира ветеното општество на отворени можности: на граѓаните за своите егзистенции, на фирмите за нивниот развој, на перспективите за Република Македонија што ќе значат перспективи за секој кој живее и работи во нашата држава.

На крајот, посакувам топло добредојде на инвеститорот Адиент, и нека оваа инвестиција во мојата Струмица биде охрабрување дека Владата на Република Македонија подава рака на секој, бидејќи сакаме, а и можеме и знаеме како да ја донесеме Македонија меѓу развиените држави во регионот, а потоа секако и пошироко, какви што се нашите сериозни стратешки определби и цели.

Благодарам за можноста денеска да се обратам и нека е со среќа од мое име и од име на Владата на Република Македонија.