Премиерот Заев на Конференцијата на ОН: Еднакви можности за жените и мажите е висок приоритет на новата Влада!

Почитувани граѓани, почитувана постојана координаторке на Обединетите нации во Македонија, г-ѓа Луиза Винтон, почитувани организатори од Обединетите нации, почитувани присутни од Министерството за труд и социјална политика, гости, новинари,

Родовата еднаквост е висок приоритет во работата на новата Влада.

Свесни сме дека ова не е само женско прашање, не е само прашање на почитување на уставното право на еднаквост, туку сериозно влијае на развојот на општеството во кое што живееме.

Определени сме да ги надминеме сиромаштијата и невработеноста и да обезбедиме еднакви можности и квалитетен живот за сите. Тоа се темелите на Програмата на реформската Влада што ја предводам.

За тоа е потребно системско решавање на ова прашање и ние сме одлучни сериозно да му пристапиме на овој проблем на современото живеење.

Во таа насока ја поздравувам оваа Конференција посветена на родовата еднаквост и очекувам дека ќе биде дополнителен импулс за сите, ова прашање да го третираме со потребната сериозност.

 Еве, се среќавам постојано со граѓаните - сакам да кажам еден пример што вистински ја отсликува реалноста којашто сме решени да ја менуваме. Ми кажува една работничка од Штип, дека работата во фабриката и почнува од 6 часот. Но таа станува уште порано. Се буди во 4 часот. Затоа што има мали деца за кои треба да остави ручек. Затоа што семејството не може да плати градинка за децата. Ги чуваат соседи. Таа има и болна мајка на којашто треба да и ја обезбеди потребната нега, пред да тргне на работа. Вели дека размислува да ја напушти работата, затоа што `и е физички, и здравствено, неиздржливо темпото на живот. За 9.000 денари плата, да не си ги оставам децата без мајка, ми рече.

Ако ја напушти работата, семејството ќе живее уште посиромашно. Таа е добра шивачка и конфекцијата ќе загуби добра работничка. Ако ова се случи и со други квалитетни работнички, тогаш таа фирма нема да работи успешно како сега.

Ете како се рефлектира предрасудата дека жената мора да постигне да работи и на работа и дома. Дома без пари, а на работа за малку пари, затоа што е изморена и неконцентрирана и не може да  го даде својот максимум. Да не зборуваме за можноста за напредување во кариерата.

Почитувани работнички, жени, почитувани заштитиници на женските права, јас сакам да ви најавам дека новата Влада оваа реалност почнува да ја менува.

Нема да биде брзо и нема да биде лесно. Но ако работиме заедно и ако работиме посветено на овој проблем, ќе добиеме резултати.

Тоа е поголема вклученост на жените на пазарот на трудот. Споделени обврски меѓу мажите и жените дома. Згрижени деца и згрижени немоќни родители и членови на семејството.

Тоа ќе го постигнеме со тоа што државата ќе биде партнер на семејствата. Државата ќе биде социјален партнер на семејствата на кои им е тоа потребно.

Македонија по Устав и по закон е социјална држава и ние сме обврзани да го направиме тоа за своите граѓани.

Владата ќе работи на подигнување на свеста дека и жените и мажите подеднакво се одговорни за домашните активности и грижата за децата. Поделбата на оваа таканаречена неплатена работа е првиот чекор кон воспоставувањето родова еднаквост.

Владата ќе се грижи за сите, и жените и мажите да имаат еднаков пристап до платена и пристојна работа. Со тоа ќе овозможиме жените да се чувствуваат побезбедно и посамостојно, затоа што нивниот труд ќе биде соодвентно вреднуван.

Очекувам државните институции сериозно да се вклучат во оваа определба на Владата за обезбедување родова еднаквост. Таму каде што е потребно, да биде дозволено флексибилно работно време.

Нашата цел како Влада е да овозможиме градинките да работат во две смени. Ја разгледуваме можноста да го зголемиме бројот на вработени во јавните детски градинки. Со тоа ќе им олесниме на родителите кои работ и по 18 часот, да работат спокојно на работното место. Исто така ќе го унапредување системот на детска заштита со тоа што ќе отвориме градинки и во рурални средини, за да ги направиме градинките достапни за сите.

Во Програмата предвидовме, еднородителските семејства кои имаат плата пониска од просечната, да не плаќаат надоместок за градинка или за основно училиште.

Владата ќе работи на поттикнување на „таткото како еднакво грижлив родител“. На пример, планираме да воведеме флексибилно работно време за таткото во првите три месеци по раѓањето на децата. Практично, ќе овозможиме заедничко користење на родителско отсуство на двајцата родители за првите 1-3 месеци, после што еден од родителите го продолжува целосно породилното отсуство.

За негата на стари, изнемоштени и болни лица, Владата ќе спроведе модернизација на службите, но и нивна поголема достапност, според социјалните потреби на семејствата.

Владата, почитувани граѓани и присутни, ќе го усвои Законот за социјално претприемништво, преку којшто ќе го олесниме пристапот до пазар на труд за социјално ранливи категории граѓани. Социјалните претпријатија ќе нудат можност на ранливите групи да управуваат со претпријатието, да донесуваат одлуки за управување со остварените приходи и за нивно инвестирање во социјални цели.

Владата ќе го има предвид родовиот аспект во колективното договарање на сите нивоа, со цел дополнителна заштита и унапредување на жените работнички.

Јас сум убеден овој значаен документ што го имаме пред нас, за целите за одржлив развој, за што ќе се дебатира на оваа важна Конференција, ќе има силно влијание во креирањето на идните политики од областа на родовата еднаквост.

Потребно е да се намали товарот на неплатената работа на жените и да се унапреди економското јакнење на жените.

Јас како претседател на Владата сум овде да ја потврдам решителноста на Владата, преку нашите зацртани политики во Програмата, и оние што ќе произлезат низ ваквите конференции и дебатите во коишто ветивме дека ќе бидат вклучени граѓанскиот сектор и експертската јавност, да создадеме од Македонија држава којашто достоинствено ги третира и почитува родовите политики.

Се придружуваме на современиот свет во актуелизирањето и решавањето на ова важно прашање, во интерес на сите во општеството.

 

Категорија: