Промовирани нови 17 наслови од владиниот проект за превод на 1.000 стручни книги

Малолетничка деликвенција, Меѓународно приватно право, Филозофија на право, Казнено право, Практика на односи со јавноста, Историја на политичките идеи... се меѓу 17-те нови наслови од областа на правните науки во рамки на владиниот проект „Превод на 1.000 стручни книги и учебници“ од кои се учи на 10-те најдобри универзитети во светот.

Со денешната 32-ра промоција на стручни книги, а трета на Правниот факултет „Јустинијан Први“, каде што пред речиси три години беа промовирани првите изданија од проектот, преведени и дистрибуирани се вкупно 544 наслови од различни области.

Промовирајќи ги новите 17 стручни учебници (14 од областа на правото, а три од политолошки и комуниколошки науки), премиерот Никола Груевски истакна дека со учење од литература по која студираат и нивните врсници на Оксфорд, Кембриџ, Харвард, Сорбона... македонските студенти ќе бидат самоуверени за соочување со предизвиците на светскиот пазар на трудот.

- Нивната достапност на македонски јазик им дава на нашите студенти и научни работници силна алатка во глобалниот натпревар на знаење и интелектуален подем. Оваа литература е пресек на најсвежите достигнувања во светската наука и стручна литература. Тоа е особено значајно за младите генерации студенти зашто, убеден сум, нивната самодоверба ќе се зголемува и ќе биде вистински манифестирана кога пред нашите млади  во целост ќе се отвори меѓународниот пазар на трудот, на кој ќе треба да го соочат своето знаење со студенти од другите земји. Тогаш тие ќе знаат дека она што го учеле не е ништо поразлично од она што го учеле нивните врсници од највисокорангираните универзитети во светот, истакна Груевски.

Нивното знаење, додаде тој, ќе помогне и во македонската економија кога странските инвеститори ќе побараат соодветен и доброквалификуван кадар, посочувајќи дека пресудна причина на новиот германски инвеститор „Кромберг и Шуберт“ во Македонија била доброобучениот кадар што им е на располагање во земјава. Премиерот апелираше до професорите на своите предавања да им дадат предност на овие учебници зашто се пресек на актуелната и врвна научна мисла.

Министерот за образование и наука Панче Кралев на промоцијата најави дека во план е превод на дополнителни 10 книги од областа на претприемништвото, 10 нови книги на англиски јазик од областа на техничките науки, како и превод на автобиографски книги на најголемите претприемачи, како Стив Џобс, Ричард Брансон...

На Правниот факултет, кој годинава одбележува 60 години, денеска беше пуштена во употреба и Судница за кривични предмети, во која студентите ќе имаат практична настава наместо да одат во судовите. Таа е прва судница на јавен правен факултет на Балканот.

Деканот на Правниот факултет Борче Давитковски најави дека наскоро ќе  биде отворена и Судница за граѓански предмети. За новите наслови истакна дека ќе го збогатат нивниот библиотечен фонд, кој преку овој проект располага со 135 стручни книги.