Нови простории на детската градинка во Делчево, згрижени уште 100 нови деца

Од денеска во четирите нови занимални отворени во детската градинка „Весели цветови“ во Делчево се згрижени нови стотина дечиња кои беа на листата на чекање. Со ова бројот на дечињата згрижени во оваа градинка се зголеми на 340.

Премиерот Емил Димитриев кој денеска ги посети новоизградените простории на оваа детска градинка потенцираше дека изградбата на новите занимални е уште еден пример, како што рече, како со една добра соработка меѓу Владата и општините се реализираат проекти за една од највиталните генерации во државава, најмалите дечиња.

- Само во 2016 година на територија на Република Македонија се згрижени нови 1.400 дечиња, а процентот на опфатот на дечиња е триплиран. Тоа доволно зборува дека Владата е на добар пат да го реши овој проблем на едно високо и квалитетно ниво, особено со проектот за изградба на 140 нови градинки. Сметаме дека барањата на жителите на РМ за сместување на децата во ваквите установи, ќе бидат во целост исполнети, рече Димитриев.

Градоначалникот на Делчево, Дарко Шехтански истакна дека инвестицијата во детската градинка  е од огромно значење за општина Делчево.

- До денеска 160 дечиња беа на листата на чекање за да се опфатат во детската градинка. Ние со овој капацитет овозможуваме дополнително згрижување на стотина дечиња. Инвестицијата е 2,7 милиони денари од буџетот на Општина Делчево, околу 18,5 милиони задолжување преку Владата со кредит од Светската банка, и нешто помалку еден милион денари набавени од страна на градинката. Ние се надеваме дека со овој капацитет сме решиле еден голем проблем, но и во иднина ќе ги решаваме проблемите поврзани со сметсувањето на дечињата. Сега зборувавме со премиерот и министерот за да се отвори нов капацитет и се надеваме дека проблемот со децата кои чекаат да влезат во градинката ќе биде решен целосно, рече Шехтански.

Во посета на градинката денеска беше и минстерот за труд и социјална политика Ибрахим Ибрахими кој потенцираше дека Владата е посветена целосно за отворање нови објекти, но истовремено и истакна дека се создаваат одлични услови за поттикнување на приватниот сектор за инвестиции во вакви објекти.

- Владата со доделување грантови за отворање на детски градинки, со поволности при изградбата на самите детски градинки и кредити од Македонската банка за поддршка на развојот од 5,5 проценти на годишно ниво и од страна на самите општини за намалување на комуналиите за изградба на вакви објекти од 95 проценти и со цената од 1 евро од метар квадратен за откуп на земјиште, ги поттикнуваме сите оние кои се заинтересирани да инвестираат во отворање на детски градинки, бидејќи ќе помогнат и за развој на нивниот сопствен бизнис и за развој на самото општество, рече Ибрахими.

Ибрахими додаде дека од 2008 година до денес е отворена 21 приватна детска установа, а исто така, опфатот во овој период е зголемен за 40 проценти за децата од 0 до 6 години.