„Европска стабилност нема да дојде чекајќи ја од други, туку преку наша соработка во соседството“

Заменик претседателот на Владата на Република Македонија и Министер за надворешни работи Никола Попоски, учествуваше на 53-та Минхенска безбедносна конференција, која се одржува викендов во Минхен, Сојузна Република Германија.

Настанот е посветен на промените во односите во светски рамки, со фокус на Европското опкружување.

„Постои процес на редефинирање на односите глобално. Криза околу ЕУ значи намален апетит за интегрирање на нови членови. На Балканот и во Македонија би биле наивни ако веруваме дека некој друг ќе ни извезе предвидливост и ќе не протурка до ЕУ. Одговорот е дека треба да се превземе одговорност и иницијатива за соработка, во економија, безбедност и политичка координација. Само така ќе ги убедиме своите граѓани и граѓаните на ЕУ дека ние сме реален фактор за Европска стабилност. А без неа, нема одржлив економски развој“, истакна МНР Попоски.

За време на Конференцијата, МНР Попоски оствари повеќе средби со своите колеги, каде беа разменети мислења зa актуелниот геополитички контекст и за тоа како истиот би се одразил врз регионалната безбедност и сигурност.