Мисајловски: Годинава изградба на рекорден број патишта

Активности за изградба и обнова на 40-ина патишта, автопати, експресни, регионални и локални, најави за годинава министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски.

- Оваа година ќе започнеме со изградба и реконструкција на рекорден број патишта досега. Со истото темпо продолжуваме со изградба и обнова на над 200 километри автоматска мрежа во Македонија. Годинава дополнително ќе почнеме реконструкција на две нови автопатски делници, рече на прес-конференција Мисајловски.

За годинава, како што посочи, е планиран и почеток на изградба на три нови експресни патишта во должина од над 100 километри што е инвестиција од околу 250 милиони евра.

Во регионалната патна мрежа, посочи Мисајловски, моментно се работи на четири регионални патишта, а ќе почне изградба и обнова на 37, за што е предвидена инвестиција од над 55 милиони евра.

Министерот за транспорт најави дека ќе се реконструира автопатот од Велес до Градско во должина од 20 километри и од Скопје до Куманово во должина од 22 километра за што инвестицијата изнесува 7,8 милиони евра, обезбедени преку ИПА програмата.

Во тек е, наведе, проектирање на нови автопати од Гостивар до Кичево и од Скопје до Блаце по што ќе се утврди финансиската конструкција и ќе се одбере моделот за финансирање. - Паралелно градиме неколку автопатишта, но сакаме да почнеме со изградба на уште еден Кичево - Гостивар и веќе почнавме со проектирање. Се работи за една од најкрупните инвестиции. Имаме потпишано договор за проектирање, ќе се подели најверојатно во три делници и сите ќе се проектираат паралелно. За да можеме да обезбедиме средства мора да имаме добар проект и да знаеме колку точно ќе чини и со каков пристап ќе одиме, дали со кредитирање, со јавно приватно партнерство или од Буџетот на РМ, рече Мисајловски. 

Годинава, потенцира Мисајловски, треба да заврши изградбата на новиот автопат Демир Капија - Смоквица, а следната година да финишираат градежните активности за автопатот Миладиновци - Штип и Кичево - Охрид. Во тек е, потсети министерот, обнова на автопатите од Смоквица до Гевгелија и од Куманово до Миладиновци, кои ќе бидат завршени оваа година, а делницата од Неготино до Демир Капија која што почна да се реконструира минатата година ќе биде готова во 2018 година.

Во планираните активности за првиот квартал од годинава Мисајловски наброја почеток со градба на експресни патишта од Штип до Кочани, од Штип до Радовиш и од Ранковеце до Крива Паланка.

Дел од 37-те регионални патишта коишто ќе се обновуваат се  Гостивар – Кичево,  инвестиција од 4 милиони евра, Скопје – Македонски Брод,  делница Близанско – Калуѓерец (1,6 милиони евра), Сопиште – Говрлево (525 илјади евра), а планирана е и доизградба на регионален пат во Вевчани, во вредност 330 илјади евра. Ќе се обновуваат и патиштата Припор – Сопиште (800 илјади евра), Пробиштип – Крупиште (4,8 милиони евра), Неготино – Кавадарци, (милион евра) Младо Нагоричане – Кокино – Пелинце (2,5 милиони евра) Куманово – Свети Николе  3,5 милиони евра)....

Како што потенцира Мисајловски, годинава ќе продолжи и реконструкцијата на 47-те улици што беа уништени во поплавите минатата година.

За одржување на патната инфраструктура за годинава се планирани милијарда и шеесет милиони денари со програмите на Јавното претпријатие за државни патишта и на ЈП „Македонија пат“, рече директорот на ЈП за државни патишта Александар Стојанов. Се планира, наведе, рехабилитација на најоштетените делници, односно возните ленти на патиштата Петровец – Миладиновци, дел од клучка Петровец, дел од патот Петровец – Хиподром, Сарај – Групчин и Богородица – Гевгелија.

Годинава ќе се работи и на изградба на мост на река Пчиња кај Коњаре, ќе се санира мостот на река Коселска, на река Пчиња, Луда Мара, изградба на мост Бабуна, санација на мостот на Вардар кај Удово, на Лакавица кај Неготино,...

Со Програмата за подобрување на безбедноста на сообраќајот на Јавното претпријатие се планира да се изврши осветлување на делницата А2 на Коридорот 8 од Скопје – Гостивар, на делницата од Сарај до Матка ќе се осветли клучката Брвеница, Боговиње, Камењане и Врапчиште. На делницата А1 Велес – Скопје ќе се осветлат клучките Велес – Југ, Отовица, како и мостовите пред и по Отовица. Кај регионалните патишта треба да се осветлат клучките Другово, Пехчево, Свети Николе, Овче Поле,... Потпишан е договор и за делницата Хиподром – Миладиновци каде се планира осветлување на клучки Белви и Илинден, како и осветлување на делницата Хиподром – Петровец. За подобрување на безбедноста во сообраќајот, најави Стојанов, ќе се постави комплетно нова сигнализација од планинскиот превој Буково до Охрид, како и од Дреново до Прилеп, а при крај е поставувањето нова опрема на Коридорот 10.