Пуштени во употреба три реновирани градинки во општина Гази Баба

Објектот „Сончоглед“ на градинката „Детска радост“, како и „Сонце“ и „Синоличка“ на „25 Мај“ денеска се пуштени во употреба откако беше извршена реконструкција. Официјално лентата ја пресекоа министерот за економија Ваљон Сарачини и градоначалникот на Општината Тони Трајковски.

Трите градинки се реновираа во рамки на ГЕФ Проектот за одржлива енергија што го реализира Министерството за економија во соработка со Светска банка. Вкупната вредност на градежните зафати изнесуваше 340.000 долари, од кои 300.000 долари се обезбедени од Светска банка, а 40.000 се инвестиција на општина Гази Баба.

Направена е комплетна реконструкција на објектите. Заменети се сите сијалици во објектите со штедливи, направена е нова фасада која има голема изолација, обвновен е паркетот, заменети се прозорците и вратите, а во објектот „Сончоглед“ е враден и сончев колектор.

- Добивме три нови објекти кои покрај тоа што имаат подобри услови за престој, придонесовме и за заштитата на животната средина. Со оваа реконструкција главниот ефект е заштеда на енергија, односно заштита на животната средина, рече градоначалникот Трајановски по пуштањето во употреба на градинката „Сончоглед“.

Тој истакна дека капцитетот на објектите е доволен за згрижување на децата, а оти се работи со Министерството за труд и социјална политика за обезбедување дополнителен кадар за чување на децата.

Трајковски најави дека Општина Гази Баба ќе продолжи и во наредниот период со реконструкција на останатите објекти на нејзината територија, а од наредната година ќе почне со реализација на проект за нова градинка во населеното место Колонија која ќе биде во рамки на постоечкото основно училиште.

Министерот за економија Ваљон Сарачини потенцира дека со пуштањето во употреба на овие објекти успешно е реализирана првата фаза од ГЕФ проектот кој е во вредност од 5,5 милиони долари, а кој опфаќа реконструкција на објекти на училишта или градинки во вкупно осум општини во земјата со цел енергетска ефикасност.

- Децата во иднина ќе имаат добри услови за престој. Од јануари продолжуваме и со втора фаза од овој проект со кој ќе се опфатат пет општини овојпат со кофинанирање, рече Сарачини кој упати апел до сите граѓани да се насочат повеќе кон енергетската ефикасност бидејќи таа е исплатлива.  На сите домаќинства, додаде, највисоката ставка од семејниот буџет по храната е енергијата. Доколку сите домаќинства во Македонија се ориентираат кон замена на сијалиците, односно поефикансо затполнување би заштедиле некаде околу 20 отсто од електричанта енергија, а државата ќе заштеди 500 гигавати годишно.

Градинката „Сончоглед“ по реновирањето треба да ја намали својата годишна сметка за затоплување за околу 14.000 евра.

Проектот, покрај во Гази Баба се реализира и во Кавадарци, Чешиново-Облешево, Зајас, Боговиње, Кисела Вода. Опфатени се по три објекта во секоја општина, градинка или училиште. Целта е реконструкција на училишни згради и градинки да ја зголемат нивната енергетска ефикасност.