Честитка од премиерот Димитриев по повод Св. Климент

До: Поглавар на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија

Архиепископ Охридски и Македонски г.г. Стефан

Ваше Блаженство,

Дозволете ми во мое лично име и во име на Владата, Вам, на членовите на Синодот и на сите православни верници во нашата земја, да Ви го честитам 8 Декември, големиот Христијански празник – Св. Климент Охридски и да Ви посакам благословени празнични денови исполнети со многу среќа и душевен мир.

Славејќи го ликот и делото на Свети Климент, продолжува нашата традиција на народ кој умее да ги цени и почитува големите луѓе и големите дела од својата историја. Македонската историја векови наназад е испреплетена со мноштво на црковни и општествени дејци кои оставиле траен белег во сеќавањата на луѓето и трајни вредности во македонското културно издигнување. Меѓу сите нив, многу векови наназад, како еден од најпрепознатливите и најблиските до народот, останал да се памети и прославува големиот просветител Свети Климент Охридски.

Како и сите претходни години, така и оваа година, да си спомнеме за Климентовото дело, за македонското проодување во верата, за нашата христијанизација, описменување и севкупно културолошко воздигнување.  Да си спомнеме и грижливо да си ги чуваме силните вредности кои ни ги оставил нашиот духовен великан. Да одбележиме и да се инспирираме од неговиот живот, од неговиот несекојдневен дух, карактер, посветеност, трпение и љубов кон луѓето. Да се помолиме за здравје, среќа и љубов помеѓу нашите граѓани.

Нека е среќна слава на сите наши сограѓани кои денес прославуваат во име на Свети Климент.

Нека ни е честит и за многу години големиот празник - Свети Климент Охридски!

Со почит,

 

Емил ДИМИТРИЕВ