Јолевски засади дрвце со војниците на караулата на ГП „Богородица“

Министерот за одбрана Зоран Јолевски денеска ја посети караулата на граничниот премин Богородица каде со припадниците на Армијата на Република Македонија кои ја обезбедуваат нашата јужна граница со  Грција засади дрвца во рамки на акцијата „Ден на дрвото“.

Јолевски разговараше со војниците за состојбата на границата која моментно е стабилна и мирна.

- Внимателно го следиме развојот на ситуацијата со мигрантската криза и тоа што се случува во Европа, меѓутоа и со развојот на настаните во Турција и Грција со цел соодветно да реагираме доколку дојде до зголемување на приливот на мигранти. Имаме разработено стратегија и разни опции во зависност од тоа колку мигранти доаѓаат и така соодветно да се дејствува, така што можам да кажам дека Република Македонија во овој момент е сигурна, изјави Јолевски.

Со градоначалникот на Гевгелија Иван Франгов се приклучија на активностите за пошумување во месноста Топлик заедно со граѓани и ученици од општините Гевгелија, Богданци и Дојран.

Јолевски и Франгов изразија задоволство што се дел од акцијата која изминативе четири години се реализира во Топлик каде пред четири години беснееше шумски пожар и затоа што учествуваат токму во оплеменување на овој простор, денеска конкретно на локацијата Смрека.

- Ова е една одлична активност чие што мото многу кажува. Акцијата има повеќе значајни сегменти од кои, прво би истакнал дека шумите се богатство за секоја земја, исто така огромно богатство за секој народ, а имаат и благотворно влијание врз климата и земјоделието.  За мене посебно значајно е тоа што денеска видов многу млади луѓе на акцијата што значи дека се создава еден однос кон шумата. Сигурен сум дека оваа акција ќе продолжи и понатаму, рече Јолевски.