Министерот Димовски и неговиот заменик Коњановски на средби со тиквешките лозари во Кавадарци

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димовски и неговиот заменик Зоран Коњановски денеска во Кавадарци се сретнаа со тиквешките лозари во рамки на „Отворените денови низ Македонија“ на Министерството за земјоделство,шумарство и водостопанство.

Главна тема на разговорите на средбите беше исплатата на грозјето од минатогодишната реколта, прашање кое производителите на грозје како реален проблем го претставија до надлежните институции и побараа  винарските визби кои не ја завршиле обврскста со исплатата на грозјето да го сторат тоа во најкраток временски рок.

Министерот Димовски на лозарите им вети дека ќе се интервенира  за да може тие побргу да си ги добијат парите  и ќе се забрза исплатата на субвенциите за лозарите.

- Се прават напори во текот на целата година генерално да се излезе во пресрет и на лозарите и на винарите бидејќи тие  се зависни едни од други. Покрај субвенциите имаме и дополнителна поддршка за винарите се со цел да им  се откупи грозјето на производителите, да не им остане на нивите и да се надмине кризата во винскиот сектор, рече Димовски.

Оваа година, потенцира тој, по барање на производителите се донесоа измени на Законот за вино со цел да се заштитат лозарите, така што, посочи, со овие измени винарските визби се обврзаа од страна на државата откупеното грозје да се исплати во рок од 60  дена од донесувањето на законот, да се изврши дополнителен притисок врз винарските визби да им го исплатат долгот на лозарите.

Заменик министерот Коњановски истакна дека Владата будно ја следи состојбата во лозаро-винарскиот сектор се со цел да се најде решение и за лозарите и за винарите.

Според него, во фаза на изработка се новите програми за поддршка на земјоделството и за рурален развој со кои оваа година ресорното Министерството ќе обезбеди поддршка на лозаро винарскиот сектор.

Димовски и денеска упати апел до сите домашни физички и правни лица и странски правни лица, кои имаат подигнато долгогодишни насади на земјоделско земјиште во државна сопственост, а со кое стопанисуваат без склучен договор, да се пријават во  подрачните единици на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство заради евидентирање на насадите. Овие податоци, рече, ќе бидат основ за објавување јавни повици за давање на државно земјоделско земјиште под закуп, а со кои ќе се даде можност за склучување договори и за регулирање на правото на користење на земјиштето.

Лицата кои имаа подигнато долгогодишни насади на државно земјоделско земјиште, треба самостојно со геодетски елаборат да ги определат катастарските податоци за земјиштето и да достават понуда до Министерството за земјоделство по објавувањето на јавениот повик.

Со оваа постапка, како што рече Димовски, ќе се реши и долгогодишниот проблем на земјоделците кои поради нерегулираното право на користење на државното земјоделско земјиште неможеа да користат субвенции.

Тој информираше дека сите правни и физички лица кои имат подигнато лозови насади и се заинтересирани за изградба на винарска визба во непосредна близина на насадите, сите потребните информации за правната процедура за изградба на винарски визби можат да ги добијат во подрачните единици на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Министерот Димовски денеска по средбата со тиквешките лозари по барање на новинарите во врска со исплатата на грозјето од минатогодишната реколта информира дека со последните две измени на Законот за вино меѓу останатото се предвидени не само кривични пријави, туку и во казнените одредби и затворска казна за прекршителите односно за носителите на раководните функции во винарските визби односно правните субјекти кои што се занимаваат со производство и промет на вино.

- Тоа значи дека не може да се случи да останат лозаропроизводителите без своите средства за предаденото грозје. Имаме секојдневни контакти со сите винарски визби, а морам да кажам дека согласно со измените во законот веќе 22 винарски визби се затворени. Тоа е доказ дека Министерството апсолутно до последна точка го почитува законот, но има работи кои се од највисок интерес на лозаропроизводителите, а тоа е соодветното исплаќање на предаденото грозје, изјави Димовски.

Според ресорниот министер, од целата количина откупено грозје за реколтите 2008,2009 и 2010 година останати се околу 500 до 600 илјади евра за сите винарски визби на ниво на Македонија.

Тој го посочи и прашањето со винарската визба Џумајлија, и нагласи дека и Министерството во изминатиот период има одржано средби со синдикатот на вработените во агрокомбинатот, се следи ситуацијата и на некој начин, рече,  директно се вклучени во изнаоѓањето решение на заинтересиран партнер,купувач,менаџер, што би можел повторно да го стави во функција работењето на агрокомбинатот.