Мисајловски изврши увид на реконструкцијата на дел од водоводот во село Доброште

Министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски заедно со градоначалникот на Општина Теарце Исен Асани денеска извршија увид во работите за реконструкција на дел од водоводната мрежа во село Доброште.

По подготвениот проект од страна на локалната самоуправа, нагласи Мисајловски, спроведени се сите други активности, подготвена е тендерската постапка и се обезбедени околу осум милиони денари, така што, подвлече, веќе се работи на изградба и комплетна замена на водоводната мрежа во должина од околу два километри.

- Иако најавите беа дека проектот ќе трае околу четири месеци, според информациите од изведувачот, веќе се завршени 1,6 километри од предвиденото, така што се очекува за месец до месец и половина да се направи и технички прием на завршените работи за обнова на водоводот во Доброште, рече Мисајловски.

Тој посочи дека Општина Теарце  има на располагање да користи определени средства од Министерството во висина од 19 милиони денари и го охрабри градоначалникот да аплицира и за други инфраструктурни проекти во општината.

Според градоначалникот Асани со завршувањето на овој проект ќе се надмине еден голем проблем за дел од жителите на Доброште кои со старата водоводна мрежа се соочувале и со недостаток на вода за пиење.

- Дел од овие 19 милиони денари средства во Министерството за транспорт и врски ќе бидат искористени за реконструкција и на дел од водоводната мрежа и во општинскиот центар Теарце каде што исто така имаме сличен проблем околу недостаток на вода за пиење. Ние ќе ја продолжиме добрата соработка со Министерството и централната власт за решавање на проблемите со кои се соочуваат жителите во општината, рече градоначалникот Асани.