Изјава на МНР Никола Попоски на Министерската конференција "Заедничко управување со миграциите" во Виена

Почитувани присутни,

Им благодарам на моите австриски домаќини бидејќи сметам дека оваа Конференција доаѓа во вистински момент и дефинитивно е на вистинска тема.

Можевме да констатираме добри работи и помалку добри работи. Во делот на добрите работи би го сместил фактот дека како по ретко која друга тема сега имаме скандинавски тип на соработка на регионални ниво помеѓу земјите кои се тука, и верувам, помеѓу оние кои не се тука. Исто така, во добрите работи е дека на оваа тема, сите имаме иста цел и нема никаков простор за поделба на хумани, нехумани, добри и лоши или други поделби бидејќи целта на сите е иста.

Во делот на помалку добрите работи, од друга страна, мораме да кажеме дека се соочуваме со предизвик за капацитет на апсорбција во земјите во кои се избрани како крајна дестинација од најголем број мигранти и бегалци во 2015 година, а како што изгледаат работите и во 2016 година.

Не треба да имаме никаква илузија дека во секоја земја која има примено определен број на мигранти, вклучително и Австрија за која моите австриски колеги ги споменаа предизвиците со кои се соочуваат има апсорбциски капацитет и дека кога ќе дојдеме во ситуација тоа да не може да се акумулира, во овие земји ќе се соочиме со многу сериозен проблем.

Ние денес сме на Х денови од тој ден кога ќе сфатиме дека не може да функционира системот така како што функционирал во минатата година кога над 750.000 мигранти поминаа низ Македонија а од она што го знам од нашите австриски колеги 90.000 останаа во Австрија, и веројатно неколку стотици илјади, близу до милион останаа во Германија. Доколку го знаеме ова мислам дека најдобро ќе биде да се соочиме со реалноста на терен. Ако ви кажам како изгледаат работите во последните 24 часа, на сите ќе ви стане многу јасно.

Во Македонија, во последните 24 часа имаме 700 мигранти од Авганистан кои чекаат на влез во Србија, а дел од нив се вратени од повеќе земји кои се дел нагоре од рутата, што значи дека ние веќе денес имаме спротивен проток на мигранти. Оние кои одат нагоре и оние кои одат надолу. Исто така, имаме 600 мигранти кои се во воз на нашата јужна граница кои се подготвени да одат на север, но сеуште не можат тоа да го сторат, и уште посериозно, имаме околу 5.000 мигранти кои се од грчката страна на територијата и сакаат да влезат во Македонија. Ако ги примениме правилата by the book, ниту еден од нив нема закана по живот или по безбедност во Грција бидејќи според мене и според многу други Грција и Македонија се подеднакво безбедни земји. Но, и не треба да имаме илузија дека секој од нив го препливал Егејското море не со цел да остане на еден километар од македонската граница, туку да стигне до крајната дестинација во Западна Европа.

Во ваква една слика, нема простор ни за драматизирање, но ни за избегнување на реалните проблеми кои ги имаме. Доколку Македонија би имала златна рипка да посака желба, веројатно нашата желба би била сето она што го правиме на македонско-грчката граница да се случува на грчко-турската граница, односно да биде веќе завршена работа во Грција. Но, мора да бидеме фер дека тоа во моментов, од едни или други причини не е возможно или не се случува.

За крај би сакал да спомнам дека соработката која ја имаме со сите земји присутни тука на практично ниво, вклучително и со оние две кои најмногу не засегаат нас, Србија на север и Грција на југ е значително подобрена во однос на 2015 година. Имаме добра комуникација, добро соработуваме и тоа треба да ни биде на некој начин гаранција дека може работите да се средуваат на еден начин што ќе биде договорен на Европско ниво.

Никој од нас тука нема капацитет сам да го реши овој предизвик и нашето стравување е дека во ваков тип на проблеми обично алката се кине на најслабата карика, во случајов оние кои се надвор од ЕУ. Таму може да се прекршат одлуките. Во делот на конкретните препораки, многу ја цениме помошта од Австрија од сите земји присутни тука, кои се засегнати од рутата. Одлучни сме да продолжиме со мерките и охрабрени сме од фактот што повеќе земји- членки денеска потврдија дека сакаат да ни помогнат во таа насока. Конечно, една од работите која може да ни помогне е поврзување на Еуродаг системот, бидејќи на тој начин би се олеснила целата процедура, која во овој случај Словенија треба да ја направи на сопствената граница. Сите овие чекори е добро да бидат оддек на одлуките во Брисел и секако да наидат на поддршка од сите наши партнери во Европската Унија.

Ви благодарам.

Извор: Министерство за надворешни работи