Премиерот Груевски им го честита празникот Ханука на претседателот и припадниците на Еврејската заедница во Република Македонија

Почитуванa Г-ѓо Суботиќ,

Со чест и задоволство, во името на Владата на Република Македонија и во свое лично име, Вам и на сите припадници на Еврејската заедница во нашата земја, Ви упатувам искрени и срдечни честитки по повод големиот eврејски празник ХАНУКА.

Празнувањето на слободата од секогаш било празнување на триумфот на слободниот човечки дух и неговата победата врз тиранијата, насилството и искривените намери на угнетувачите. Остварувањето на слободата секогаш било силен вредносен идеал кој немал цена и бил остваруван без оглед на жртвата која била потребна, и во оваа борба за слободен живот, голем број нации и народи во историјата претрпеле огромни штети и страдања, но никој и никогаш не се откажал од потрагата по излез од темнината и допир до светлината. Припадниците на Еврејската заедница од секогаш во историјата биле и останале симбол на ваквата борба, и поради сличните судбини и историски околности тие саможртви на Евреите се високопочитувани и  вреднувани од Македонците и од сите граѓани на Република Македонија, заради вербата во заедничките принципи на правдата, еднаквоста и слободата.

Верувајќи во овие вредности, обединети во мислите и срцата, да продолжиме да чекориме по патот на реформите и модернизацијата на нашата Татковина, да создаваме дела и нови вредности кои ќе имаа трајна корист за секој поединец, да работиме за развој на слободната иницијатива и создавањето на економски добра кои ќе овозможат развој и подобар стандард за населението, да ги достигнуваме модерните стандарди на полето на образованието, културата, здравството и социјалната правда во насока на овозможување придобивки за секој граѓанин, и заедно да ги реализираме целите за евроатланска и европска интеграција на Република Македонија.

            Во тој дух на вредностите, со традиционалниот поздрав ХАНУАКАХ САМЕАХ, Ви го честитам празникот на слободата и светлината и Ви посакувам радосни празнични денови.

 

Искрено Ваш,

 

 

                                                            Никола ГРУЕВСКИ