Проект за развој на Кокино како туристичка дестинација

Со изработка на новата веб-страница www.kokino.mk, промотивно видео, мобилна апликација, реновирање на информативните табли, поставување на патокази и заштитни прегради на ранливите делови и оградување на локалитетот НУ Музеј Куманово во соработка со Локалната акциска група „Абер 2015“ и со поддршка од Проектот за експанзија на мали бизниси, финасиран од УСАИД и Владата на Швајцарија ќе се развива мегалитската опсерваторија Кокино како туристичка дестинација.

Целта на проектот е архео-астрономскиот локалитет да стане лесно достапен за туристите и физички и на интернет, а при тоа да се сочува неговиот  автентичен изглед. Локалитетот  Татиќев   камен – Кокино НАСА го позиционираше на 4.место меѓу најстарите и највредни 15 праисториски опсерватории во светот. 

Единствената опсерваторија на Балканот годишно ја посетуваат од 10 до 20.000 туристи, но во споредба со сличните опсерватории Мачу Пикчу во Перу, Стоунхенџ во Велика Британија и Анкорват во Камбоџа, каде бројот на туристи достигнува и до 2,3 милиони туристи годишно, бројот на посетители е занемарлив.

Министерската за култура Елизабета Канческа-Милевска на денешната промоција на проектот посочи дека локалитетот Кокино е капитален проект на Владата и на Министерството за култура и дека континуирано се вложуваат напори за соодветна заштита и промоција на ова непроценливо културно богатство. Потсети дека во изминатиот период стручните екипи доста интензивно работеа на систематските археолошки истражувања на овој локалитет, но и на конзервацијата на пронајдените предмети од периодот на бронзеното и железното време. Нагласи дека приоритет беше и промоцијата на мегалитската опсерваторија во меѓународни рамки.

Во таа насока, додаде, е и четиригодишниот проект на Владата „Кокино - македонски бренд“ кој предвидува целосно уредување на поширокиот локалитет Кокино, како и изградба на центар за посетители, изложбен простор,  сувенирница, ресторан. Покрај тоа во јуни годинава во Охрид ќе се одржи меѓународна конференција „Кокино археолошки и астрономски аспект - искуства и паралели“ на која експерти од Македонија и од светот ќе дискутираат за архео-астрономските аспекти на Кокино.

- Преку сите овие активности и преку ангажманот на туроператорите, кои и денеска се присустни на оваа конференција верувам дека ќе успееме во нашите намери силно да го промовираме локалитетот Кокино, сите негови богатства и потенцијали. Уверена сум дека на овој начин ќе се создадат и услови за одржливост на локалитетот, а сите проектни активности ќе имаат и економски придобивки за Република Македонија, рече Канческа Милевска на денашното претставување на проектот.

Таа потсети дека со одлука на Владата  локалитет Кокино е прогласен за културно наследство од особено значење, поткатегорија од исклучително значење.

- Во насока на дополнителна меѓународна валоризација на овој локалитет, донесовме и одлука оваа споменична целина да добие меѓународно признат статус, односно локалитетот кој досега се наоѓаше на тентативната листа на УНЕСКО, да се обидеме да го впишеме на листата на светско наследство на оваа престижна организација. Со добивањето на третманот на светско наследство, за Кокино ќе се обезбедат неопходни правни и други услови за негово натамошно зачувување, трајно ќе се задржат податоците што оваа значајна споменична целина ги носи во себе, но истовремено ќе се спречати идни дејства кои може да предизвикаат исчезнувањена сведоштвото за постоењето на праисториските култури на ова подрачје, рече Канеческа Милевска и изрази надеж дека Кокино наскоро ќе се позиционира на светската археолошка и туристичка мапа.

Директорката на Агенцијата за промоција и поддршка на турзимот, Лела Крстевска порача дека мегалитската опсерваторија во Кокино е единствена од овој тип зашто не е само астрономски локалитет, туку и археолошки, бидејќи се пронајдени доста артефакти кои говорат за постоење на живот и цивилизација на тоа место уште од железното доба.

- Се бориме на глобално ниво да ја мапираме Македонија како дестинација  која нуди несекојдневни форми на туризам и живеење. Кокино од туристичка гледна точка е многу битно зошто спаѓаа во групата на најатрактивни и најпосетени на светско ниво. Доказ за тоа е и рангирањето на 10. најдобри туристички дестинации во светот што го изврши организацијата Лонли Планет која го стави локалитетот Анкорват на прво место, рече Крстевска.

Директорката на НУ Музеј Куманово, Анита Цветановска истакна дека националната уставнова е задолжена за грижата и промоцијата на локалитетот Кокино уште од неговото пронаоѓање во 2001 година.

- Веќе 15 години работиме на реставрација и конзервација на локалитетот и артефактите кои се пронајдени на него. Во изминтите неколку месеци заедно со Проектот на УСАИД за експанзија на мали бизниси и Швајцарската влада интензивно работевме и на воспоставување на официјалната  веб-страница за Кокино која е во завршна фаза. Таа ќе биде главен извор за информации  за сите странски и домашни туристи кои ќе сакаат да го посетат Кокино. Како придружна алатка на страницата  подготвуваме и мобилна апликација - аудио водич преку кој посетителите преку мобилни телефони ќе можат да добијат повеќе информации додека се на самата локација, рече Цветановска.

Посочи дека УСАИД и Швајцарската влада ќе донираат и средства за изработка на заштитни прегради  за деловите од локалитетот кои бараат посебна грижа, а ќе бидат поставени и дополнителни патокази.

Мајкл Стиватер од УСАИД Македонија порача дека мегалитската опсерваторија е совршен пример да се покаже богатото културно-историско наследство на Македонија.

- Моментално Кокино го посетуваат 10 до 20.000 луѓе годишно што е добро за почеток, но многу може да се направи за да се зголеми бројот на посетители, рече Стиватер.

Нагласи дека во мај во Охрид ќе се одржи „Адвенчр некст Балкан конференцијата“ на која ќе има преку 300 професионалци од туристичката индустрија и ќе биде најголемиот „бизнис ту бизнис“ (В2В) настан што се случил во Македонија од областа на туризмот.

- Оваа конференција ќе го засили разбирањето на меѓународните туристички оператори за македонските скриени убавини. Колку повеќе луѓе ќе знаат за туристичката понуда на Македонија, толку повеќе ќе сакаат лично самите да ги искусат и да ги посетат прекрасните места низ целата држава кои се малку на страна од патот, какво што е и Кокино, рече Стиватер.