Поддршка за 61 проект од креативните индустрии на четвртиот конкурс

Шеесет и еден проект од областа на креативните индустрии ќе добијат финансиска поддршка од Министерството за култура. Тие се избрани на четвртиот конкурс на кој аплицирале 114 проекти. Триесет од прифатените се на физички лица, 31 на граѓански здруженија и други правни субјекти. Со нив вкупно 211 проекти добиле поддршка од почетокот на објавувањето на конкурсите во 2013 година. 

Меѓу поддржаните се проектите дигитална керамика, апликации на кирилица на дизајнерски производи, прва модна колекција со 3д печатење, прв македонски бренд на покуќнина (Мираз), Фестивал на фигури од овошје и зеленчук, неколку проекти на здруженијата на граѓани наменети за лица со посебни потреби.... Избрани се од комисија во состав Митко Хаџи-Пуља, Роберт Јанкуловски, Андреј Бартлинг, Гордана Вренцоска и Беким Мемети. 

Резултатите од четвртиот конкурс на прес-конференција ги соопшти министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска која рече дека целта на конкурсите (кои произлегуваат од Националната стратегија за развој на културата 2013-2017) е да се поттикнат младите луѓе да го развиваат креативниот потенцијал и да создаваат инвентивни и квалитетни производи од кои ќе создадат бренд и ќе имаат финансиски бенефит.

- Овие проекти имаат естетска, оригинална, практична и применлива вредност; евидентна креативност и иновативност и одржливост на пазарот и навлегуваат во подрачјето на визуелните уметности: графички дизајн, мултимедијален дизајн, индустриски дизајн, дизајн на производ и моден дизајн, како и манифестации, фестивали и конференции и форуми од областа на креативните индустрии. Конкурсите ни овозможија да идентификуваме, но и да дефинираме препознатливи брендови на македонската култура и уметност, кои имаат за цел да ја вбројат нашата држава во редот на европските земји кои го препознаваат креативниот потенцијал како свое национално обележје, истакна Канческа-Милевска. 

За претходните три конкурси Министерството намени вкупно 15,5 милиони денари, а за обединување на креативците и место каде тие ќе ги претстават своите производи  го помогна и отворањето на Центарот за дизајн и иновации - Јавна соба. Таму на 6 февруари ќе биде отворена изложба на субвенционираните проекти. На конкурсот е поддржан и проект на овој центар - оваа година ќе биде отворена детска работилница, како и работилница во која дизајнерите ќе ги развиваат своите прототипови. 

Членовите на комисијата се задоволни од одѕивот на учесниците на конкурсот и сметаат дека со проектите веќе се формира сцената на креативни индустрии во Македонија. Апелираа до заинтересираните учесници на идните конкурси да внимаваат на пополнувањето на апликациите. 

Митко Хаџи-Пуља рече дека конкурсите треба да се објавуваат и натаму зашто имаат генеративна улога и се значајни на три интерактивни нивоа - економско, културно и образовно. Предложи во другите градови да се отвoрат павилјони - постојани изложбени и продажни места на производите на креативните индустрии кои ќе имаат и едукативна функција