Работилница за енергетската ефикасност во здравствениот сектор

Министерството за здравство ќе ја подобрува енергетската ефикасност на болниците со инсталирање сончеви колектори и замена на прозорците со нови енергетски поефикасни. Во рамките на двегодишниот договор со Светската здравствена организација веќе се спроведени конкретни активности за проценка на енергетската ефикасност и примена на обновливи извори на енергија во двете пилот здравствени установи, Општата болница во Гостивар и Клиничката болница во Штип. 

- Не само што имаме енергетски неефикасни објекти, туку имаме и голем процент на загуба на енергија во системот што претставува дополнителен трошок, но и дополнително загадување на животната средина. Со зголемувањето на енергетската ефикасност во објектите директно ќе придонесеме за намалувањето на емисиите на стакленичките гасови во атмосферата, рече министерот за здравство Никола Тодоров на денешната работилница насловена „Енергетска ефикасност во здравствениот сектор“.

На работилницата наменета за подигнување на свеста на здравствените менаџери за значењето на енергетската ефикасност и обновливите извори на енергија беше промовирана и публикацијата „Енергетска ефикасност и обновливи извори на енергија во здравствениот сектор - Прирачник за менаџери и здравствени работници“. 

- Болниците се едни од најголемите потрошувачи на енергија во државата. Задоволен сум што директорите на јавните здравствени установи покажуваат интерес да учествуваат на оваа работилница и да согледаат повеќе алатки кои ќе им помогнат во секојдневното работење во правец на заштеда на енергија, изјави министерот Тодоров на паузата на работилницата.

Тој прецизира дека при неговата последна посета на Клиничката болница во Штип увиделе дека загубите на енергија се прилично големи и оти е недозволиво кога на само два до три километри има извор на термална вода која може да биде искористена за затоплување на целиот објект.

- Веќе работиме на проценка на инвестицијата и на овозможување  за нејзино отпочнување. Очекувам во текот на наредната  година да ги завршиме сите подготовки од аспект на проектирање  и имотно-правните односи и да отпочнеме со постапките за тендерирање  за поврзување на Клиничката болница во Штип со изворот во Кежовица и негово искористување за затоплување на болницата, рече Тодоров.

Клиничката болница во Штип, нагласи, дневно троши од 1.500 до 2.000 евра само за гориво. - Тоа е огромна сума на пари, но уште поголем е ефектот на загадувањето кое го постигнува ова големо количество на гориво. На дневна основа можеби не се чувствува, но на долг рок загадувањето е значајно. Затоа наша обврска е да ги согледаме овие проблеми и да се трудиме да ги надминеме, рече Тодоров.

Шефот на канцеларијата на Светската здравствана организација во Македонија, Марија Кишман истакна дека се поголемата примена на обновливите извори на енергија е значајна за иднината на човештвото.

- Македонија е една од земјите со најголем број сончеви денови и треба тоа да го искористи исто како и термалните извори и ветерот. Потребно е само менување на свеста и прерасподелување на инвестициите, како во нашите домови така и во јавните институции, изјави Кишман.

Во моментов, нагласи, се работи на пресметките колку секоја болница треба да инвестира во енергетската ефикасност и колкави ќе бидат заштедите од нејзиното воведување. - Економската анализа ќе биде објавена на крајот на идниот месец или на почетокот на февруари, рече Кишман.

Во Гостиварската болница, појасни, се поставуваат сончеви колектори за топла вода за греење, но и за користење во салите и во бањите, а се менуваат и вентилите на системот за греење кои се неефикасни. Планираме во сите болници да се ориентираме и кон ладењето со обновливи извори на енергија.

- Греењето и ладењето на болниците со обновливи извори на енергија веќе се користи во Холандија и Германија каде има огромна финансиска заштеда. Од заштедите кои Германија ги има со примената на обновливите извори на енергија се финансира и овој проект што се реализира во седум европски земји меѓу кои и Македонија со три до четири милиони долари по држава на годишно ниво, рече Кишман.