Ставрески: Буџетот за наредната година содржи елементи на флексибилност и адаптибилност

Пратениците ја почнаа расправата по Предлог-буџетот за наредната година кој е проектиран на 169 милијарди денари, приходите се предвидени на 156,75 милијарди денари, а буџетскиот дефицит е 2,5 проценти од БДП.

Според вицепремиерот и министер за финансии, Зоран Ставрески буџетот за наредната година е подготвен во услови на влошени состојби во европската и македонската економија и оти во такви околности основната фунција на буџетот ќе биде да се задржат позитивни стапки на економски раст, да се одржи висок степен на социјална стабилност и да се подобри согласно можностите економската инфраструктура на земјата.

Тој посочи дека главните ризици за буџетот и фискалната одржливост произлегуваат од состојбите во европската економија, но оти тој содржи елементи на флексибилност и адаптибилност.  

- Економската и финансиската криза од изминатите две години, денес прерасна во длабока должничка криза при што неколку европски земји, а пред се Грција, Италија, Белгија, Шпанија и Португалија се во големи финансиски проблеми. Системската криза има огромни последици врз финансиската стабилност на Европа и економските перспективи на регионот. Опасноста од оваа криза да се прелее во сите земји на ЕУ е реална. Тоа значи дека состојбата на европската економија во овој момент и во догледна иднина е тешка. Тоа бара максимална сериозност и максимална внимателност од Владата на Република Македонија и останатите економски субјекти при водењето на економските политики, рече министерот Ставрески.

Тој додаде дека во такви околности македонската економија мора да се соочи со реалноста. - Економијата зајакна во 2011 година, но тоа зајакнување веројатно ќе биде прекинато со надворешните ризици со кои се соочува македонската економија. Очекувањата за оваа година е дека растот ќе биде приближно 3,5 проценти благодарение на порастот на економијата во првите шест месеци од годината. Меѓутоа, за следната година буџетот мора да биде флексибилно скроен за да може да адаптира на состојбите и ризиците доколку е тоа потребно, истакна министерот.

Според него, буџетот содржи елементи на флексибилност и адаптибилност и оти главниот фактор на доверба и фискалната политика за следната година е одржување на буџетскиот дефицит под критериумот од три проценти согласно препораките од Пактот за стабилност и растот на ЕУ. - Македонија оди уште еден чекор понатаму и буџетскиот дефицит ќе биде на пониско ниво, односно најмногу до 2,5 проценти, со што на среден рок за периодот 2009-2012 ќе биде земја со најнизок буџетски дефицит од Европа. Таквото ниво на буџетски дефицит овозможува остварување две цели. На краток рок  ќе овозможи да се поддржи производството и вработеноста, односно ќе биде во функција на поддршка на економската активност во услови на криза и намалување на надворешната побарувачка и рецесија во европската економија, а истовремено одржувањето на умерен буџетски дефицит нема да ги загрози основните цели на фискалната стратегија Македонија да остане земја со низок државен долг како што е денес. Со долг од само 26 проценти од БДП Македонија е на трето место во Европа според најниско ниво на државен долг.

Министерот потенцира дека основниот и најзначен амортизер на евентуалните удари што се содржат во предложениот буџет за 2012 година е проекцијата на приходната страна. - И покрај очекувањата што беа за потенцијален раст на економијата од 4,5 проценти во реални големини, односно околу 7 проценти номинално, проекцијата на приходите е направена поконзервативно со помал раст од 5 проценти наспроти 7 проценти колку што би било номинално ако се пресмета растот на реалната економија плус инфлацијата. Тоа значи дека Македонија е во извесен степен подготвена за сите можни сценарија. Доколку европската економија односно фискалниот компакт се покаже дека ќе помогне да се надминат актуелните ризици и да се постигне барем одредено ниво на стабилност, тогаш растот на економијата во Република Македонија ќе биде подобар. Доколку, пак, економската криза се продлабочи, што исто така е можна и реална варијанта, Владата е подготвена и за таква ситуација, рече министерот за финансии пред пратениците.

Тој додаде дека пониската проекција на приходите, а соодветно и пониската проекција на расходите во однос на претпоставениот БДП е доказ за одговорно водење на буџетската политика во вакви ризични и непредвидени времиња. 

- Вкупните буџетски приходи во Македонија како процент од БДП се задржуваат на ниско ниво споредено со останатите европски земји - 32,1 процент, додека расходите се исто така меѓу најниските во Европа од аспект на оптоварувањето на економијата со нивото од 34,6 проценти од БДП, рече Ставрески.

Во буџетот за 2012 година постоечките даноци се задржани на непроменето ниво, потенцира министерот што според него значи дека и во овие турбулентни времиња, а такви впрочем се последните три-четири години, Република Македонија и натаму ќе задржи најниски даноци во Европа. - Македонија е само една од четирите земји од Европа со конзистентна и фискална даночна микроекономска политика. Останатите три се Бугарија, Естонија и Луксембург, тоа се единствените четири земји заедно со нас што во изминатите три години не пристапија кон зголемување на даноците, сите останати земји во Европа ги зголемија даноците, потенцира министерот.

Тој потенцира дека строгата фискална дисциплина како предуслов за економски раст ќе продолжи и во 2012 година. Буџетските расходи се проценти врз принципите да се обезбедат средства за финансирање на основните социјални потреби со цел задржување на социјалната стабилност во вакви тешки времиња, максимална рестриктивност на тековните и понепродуктивни расходи, како политика која продолжува четврта година по ред.

Буџетот за 2012 година предвидува висок пораст на капиталните расходи од 29 проценти или за околу речиси седум милијарди денари. Потрошувачката се очекува да биде на умерено ниво која што во секој случај ќе биде нешто повисоко од нивоата остварени во 2009 и 2010 година. Според министерот, промената на структурата на буџетот во насока на зголемени капитални расходи ќе даде силна поддршка за економијата, односно за ангажман на стотици македонски компании и обезбедување работа во услови кога од европската економија може да се очекува негативни движења или рецесија.

Предвидени се значителни инвестициски вложувања во патната и железничкатa инфраструктура, енергетски и комунални инфраструктурни проекти, како и инвестиции за подобрување на условите во образованието, социјалниот и здравствениот систем и во земјоделството, заштитата на животната средина и правосудството.

Најголем пораст ќе има во Агенцијата за државни патишта, МОН и Министерството за здравство, а целта е да се продолжи процесот на подобрување на состојбите во делот на инфраструктурата, транспортната, железничката и останатата инфраструктура, во делот на осовременување на состојбите во училиштата и факултетите и нивната опременост со соодветни наставни средства, како и да се дозаокружи купувањето на новата здравствена опрема и реконструкцијата на болниците.

Со предложениот буџет за во областа на патната и железничката инфраструктура предвидени се инвестиции во износ од 7,5 милијарди денари или за 42 проценти повеќе од годинава.   За изградба и рехабилитација на регионални и локални патишта се издвоени 2,654 милијарди денари. За реконструкција на автопатот Катланово-Велес се издвоени 350 милиони денари. Има средства за пругата кон Бугарија, за процесот за гасификација на Македонија, за комунална инфраструктура и енергетската област околу 2 милијарди денари. Меѓу приоритетите  се и уредувањето на ТИРЗ за што се планирани 518 милиони денари со што ќе се заокружи изградбата на инфраструктурните проекти со цел да се овозможи инвестирањето на странските копании. За проектот „Купи куќа, купи стан“ се предвидени 240 милиони денари кој, според министерот, е во функција на поддршка на македонското градежништвото. Во здравството се планирани инвестиции од 2,5 милијарди денари на реконструкција на јавни здравствени установи што е финансирано со буџетски средства и Банката за развој при Советот на Европа, како и изградба на амбуланти во рурални средини, набавка на медицинска опрема, амбулантни возила и друго.

Во областа на образованието, детската заштита и спортот се планирани инвестиции 2,4 милијарди денари, наменети за изградба и реконструкција на основни и средни училишта, изградба на училишни и спортски сали, ученички и студенски домови, опремување и реконструкција на универзитетите...

Со цел зајакнување на земјоделскиот сектор планиран е зголемен обем на инвестиции во износ од 1,3 милијарда денари, што се однесуваат за изградба хидросистеми и инвестиции за подобрување на конкурентноста и  модернизација на земјоделските стопанства и негово хармонизирање со европските стандарди. Предвиден е и зголемен износ на субвенции во земјоделството што ќе изнесуваат 130 милиони евра што е за 15 милиони евра повеќе од оваа година.

Капитални инвестиции ќе има и во правосудство, јавниот ред и безбедност, одбрана, култура, информатички технологии и сите бележат соодветен пораст...

Во однос на финансирањето на буџетот за 2012 година, министерот истакна дека неодамна добивме потврда оти Македонија е една од земјите со најнизок државен долг, која дојде од ММФ кој го истакна фактот дека ризиците од европската криза може да бидат менаџирани преку фактот што Македонија има здрави макроекономски политики, пред се низок буџетски дефицит, ниско ниво на државен долг и соодветна капитализираност на банкарскиот сектор во кој кредитната активност е покриена со домашните депозити, а не зависи од надворешни извори.

Тој додаде дека во такви околности финансиските средства за проектираниот дефицит и отплатата на долговите ќе се обезбедат преку комбинација од странски и домашни извори при што заедно со ММФ на домашен пазар ќе се работи на продлабочување на пазарот во насока на зголемување на рочноста на издадените хартии од вредност преку издавање на пет годишни, седумгодишни и десетгодишни обврзници.

- Во вакви околности во кои европската економија се соочува со незабележана криза во последните 100 години со криза која го подрива и самиот факт дали европската економија може да остане во целина или не, состојбите во македонската економија се релативно подобри врз основа на здравите макроекономски политики. И во следната година останува преку умешно димензиониран буџетски дефицит, преку соодветна поддршка на стопанството и економијата, преку обезбедување поволни кредитни средства од ЕИБ за малите и средните претпријатија од над 100 милиони евра да дадеме поддршка на позитивниот економски раст и да ја сочуваме финансиската и економска стабилност во Македонија, истакна министерот за финансии Зоран Ставрески повикувајќи ги пратениците да го поддржат предложениот буџет за 2012 година.