Груевски: Во завршна фаза нов концепт за концесионирање на делниците од Коридорот 8

Новиот концепт за издавање под концесија на делови од Коридорот 8 е во завршна фаза. Финалните детали набрзо ќе бидат утврдени како став на Владата и ќе бидат презентирани, информира денеска премиерот Никола Груевски.

Тој, одговарајќи на новинарски прашања по пуштањето во употреба на патот Зелениково - Ново село, појасни дека концептот се заснова на три дела. Делниците коишто имаат највисока фреквенција на возила ќе бидат одвоени и повторно понудени на концесија, дел од останатите за коишто се смета дека се од висок приоритет ќе бидат изградени со заем, а дел од нив само ќе бидат проширени и реконструирани.

- Новото прегрупирање на овие делници е во завршна фаза и многу брзо ќе излеземе со наш став по ова прашање. Дел повторно ќе ги дадеме за концесија и тоа за оние за кои ни беше укажано дека ќе има  најголем интерес, односно оние делови каде што има и најголема фреквенција на возила и за коишто има најголема шанса дека може да се јави некој концесионер, што не е гаранција бидејќи концесионерот е приватна компанија која што е заинтересирана да вложи, но и да извади профит од тоа, појасни Груевски.

Доколку нема доволен број возила, укажа премиерот, тие не можат да го направат тоа, ниту пак можат да обезбедат финансирање од европските банки како што се ЕБРД и ЕИБ.

- Дури и да имаат желба и дури и државата да даде доволно голема субвенција, што беше понудено и во тендерот за потенцијалните концесионери, тие, меѓутоа, не успеаја да обезбедат финансирање од најголемите банки заради многу ниското ниво на движење на возила на посочените релации, вели Груевски.

Тој најави и инвестиции во железничкиот сообраќај, во набавка на најсовремени вагони и локомотиви коишто треба да пристигнат во 2014 година, а за што начелно постои договор со ЕБРД и ЕИБ за поддршка од околу 45 милиони евра. Целта е, како што рече, да се подобри состојбата во железничкиот сообраќај.