Општина Аеродром инвестира милион евра во изградба на воден парк

Парк на езерата  денеска почна да се гради во Општина Аеродром кај спортската сала „Јане Сандански“, до кејот на реката Вардар. Во водениот парк, кој треба да биде готов за четири месеци,  општината инвестира 60 милиони денари.

Ќе се простира на површина од околу 11.000 метри квадратни, од кои 1.800 метри квадратни водена површина со четири езерца. Ќе има и архитектонски, партерни и хортикултурно уредени површини, збогатени со жардинерии со место за седење, шеесетина клупи, канти за отпадоци и друга урбана опрема, како и осветлување со канделабри и рефлектори.

- Инвестицијата во вакви содржини е секогаш оправдана и потребна. Вакви места  се неопходни за прошетки и релаксација на граѓаните  по секојдневите обврски, истакна премиерот Никола Груевски, кој  заедно со градоначалниците на Скопје и на Аеродром Коце Трајановски и Ивица Коневски го означија почетокот на градежните работи.

Обврските на работните места и многу други фактори, според премиерот, создаваат грижи, напнатност и замор на кои  треба да се одговори со добри места за релаксирање, одмор и прошетка во природа.

 - Ограниченоста со време и средства најчесто  ги задржува граѓаните блиску до нивните домови и работни места и поради тоа голема е потребата за релаксација  во близина на местата во кои живеат. Затоа општините и Градот Скопје се почесто  бараат начин да излезат во пресрет на потребите и барањата на граѓаните со реализација на проекти, рече Груевски.

Тој им порача на останатите општини да го следат примерот на Општина Аердром со инвестиции во водени паркови.

Според градоначалникот Коневски, со изградбата на паркот граѓаните добиваат ново зелено катче за рекреација. -  Со новиот модерен парк ќе се облагодари овој со години наназад запуштен простор, така што ќе дадеме уште еден придонес за екологијата, особено што самиот парк ќе има три сопствени бунари, кои ќе се користат за полнење на езерата, а за тревниците ќе има вграден автоматски систем за наводнување,  најави Коневски.

Скопскиот градоначалник Трајановски  нагласи дека Општина Аеродром со вложувањето во проекти како водениот парк придонесува за зголемување на зелените површини во Скопје,  многу важен фактор  за подобра еколошка средина во него. - Во последно време со поставувањето на мерните станици во Град Скопје гледаме кои се  факторите кои придонесуваат  за загаденоста и кои се нашите проекти кои ќе треба да влијаат на нејзино намалување. Изградбата на овој парк е токму таков пример бидејќи со зелените површини ќе се подобри воздухот,  посочи Трајановски.