Промовиран проектот „Социјална патролна работа“

Три тима составени со по три патролни социјални работници ќе патролираат по улиците во општините Центар, Гази Баба и Ѓорче Петров,  со цел да придонесат за откривање и санирање на социјални проблеми, во рамки на проектот „Социјална патролна работа“ на Министерството за труд и социјална политика.

Министерот за труд и социјална политика, Спиро Ристовски на денешната прес-конференција појасни дека патролни социјални работници ќе детектираат социјални проблеми како бездомништво, деца на улица, просјачење, семејно насилство, стари лица, корисници на дрога, инвалидни лица и нарушени семејни односи.

- Пристапот на решавање на проблемите ќе биде системски со координирана соработка помеѓу патролниот работник, Центарот за социјална работа и Црвениот крст на град Скопје. На тој начин ќе имаме целосна идентификација на појавите коишто го попречуваат развојот на поединците, групите и самата заедница, рече Ристовски.

Профилот патролен социјален работник, како што додаде, треба да се воведе во урбаните заедници поради зачестеноста на појавата „лица на улица“.

Проектот ќе стартува околу Нова година, најави министерот, подвлекувајќи дека превентивната акција е најдобар начин на спречување на социјалните ризици.

Според статистичките податоци во Македонија бројот на жители кои припаѓаат на еден социјален работник ги надминува сите меѓународни стандарди, рече министерот и посочи дека во другите земји социјалниот работник делува како посредник меѓу населението и социјалните услуги.

Обуката на патролните социјални работници, која е обврска на Минстерството, ќе заврши во текот на следната недела.

Задачите на патролните социјални работници, како шти истакна Ристовски ќе биде идентификација на местото на работење, пенетрација на подрачјата каде треба да се делува, флексибилно време на работа, водење на социјална карта за секој случај и воспоставување контакт помеѓу различни институциина територијата предвидена за делување на социјалниот работник.

На подрачјето на Скопје, како што информира Сузана Тунева-Пауновска од Црвениот крст на Град Скопје, регистрирани се 129 бездомни лица, од кои 84 користат услуги на Пунктот за бездомници што се наоѓа во Момин Поток.

- Во вторник и петок бездомниците во пунктот можат да си ја променат облеката, комплетно да ја одржат хигиената, да добијат топол оброк и доколку имаат потреба можат да добијат и услуга од лекар и психолог, рече Тунева-Пауновска и додаде дека досега во пунктот за сместување се обратиле 15 лица.

Проектот „Социјална патролна работа“ ќе биде спроведен и во други општини доколку се детектираат како ризични подрачја.