Груевски - Ли: Кина е заинтересирана и ја поддржува соработката со Македонија

Претседателот на Владата на Република Македонија, г-дин Никола Груевски денеска, (четврток, 26 ноември 2015 година) во Пекинг оствари средба со премиерот на Народна Република Кина, г-дин Кечијанг Ли.

На средбата соговорниците го поздравија позитивниот развој на односите меѓу Република Македонија и Народна Република Кина кои се одликуваат со пријателство, взаемно разбирање и меѓусебна поддршка. Соговорниците ги истакнаа и економските односи кои што бележат нагорен тренд и позитивен развој.

Премиерот Груевски посочи дека Република Македонија ја поддржува иницијативата на НР Кина за соработка со земјите од Централна и Источна Европа во рамките на процесот 16 плус 1, што ќе придонесе за продлабочување на односите и економски развој на земјите.

Тој изрази задоволство од успешниот тек на изградбата на автопатските делници Миладиновци-Штип и Кичево-Охрид, кои се реализираат во соработка со кинеската Влада и Ексим банката.

Премиерот Груевски го афирмираше интересот и подготвеноста на македонската Влада за шест нови заеднички проекти кои би се реализирале во Република Македонија како резултат на взаемна соработка.

Предложивме нови конкретни проекти за соработка од повеќе области, од сферата на енергетиката, градежништвото, индустријата, проекти од инфраструктурен карактер. Врачивме вкупно шест проекти кои се ставени на хартија, со претходна добра анализа и сите најпотребни информации, за што имаше позитивен прием од страна на кинескиот премиер и подготвеност да се разгледаат од нивна страна во периодот што следува, изјави по средбата премиерот Груевски

Претседателот на македонската Влада на средбата истакна дека кинеските компании се добредојдени за инвестиции во Македонија, при што ги образложи поволните услови за водење бизнис, поволниот даночен пакет, реформите кои се превземаат и можностите кои им стојат на располагање на компаниите кои имаат намера да го прошируваат своето производство.

Премиерот Кечијанг Ли посочи дека НР Кина е заинтересирана за и ја поддржува соработката со Македонија. Тој даде позитивна оценка за економските политики на нашата земја и изрази надеж дека во наредниот период ќе се реализираат дополнителни заеднички проекти во областите од взаемен интерес.

Беше договорено во идниот период претставници на двете страни да работат на финализирање на повеќе проекти кои се од заедничко значење и ќе придонесат за дополнително интензивирање на заедничките односи.

Претседателот на Владата Груевски присуствуваше и на приемот кој е организиран по повод кинеската иницијатива за соработка на земјите од Централна и Источна Европа со НР Кина  при што се сретна со претседателот на НР Кина, г-дин Џипинг Си.

Соговорниците ги потврдија пријателските односи меѓу двете земји за што сведочат и интензивираните средби на највисоко ниво од македонска и кинеска страна, и изразија задоволство од нагорниот тренд на развој на меѓусебните односи кои ги следи и зголемена економска активност.

Премиерот Груевски посочи дека НР Кина е значаен пријател и подржувач на Република Македонија и се заблагодари за досегашната поддршка во рамките на глобалните иницијативи и организации.

Претседателот Џипинг Си истакна дека НР Кина во регионот на Централна и Источна Европа во кој припаѓа и Република Македонија гледа огромен потенцијал за зголемена соработка и за економски развој.