Промовирана студијата на УНДП „Проценка на економското влијание од климатските промени“

Климатските промени се глобален проблем, но предизвикуваат локална опасност, а штетите предизвикани од нив веќе можат да се забележат во нашето најблиско опкружување. Креаторите на политики мора да одговорат на климатските промени со преземање на координирани активности од засегнатите страни од различни области.

Ова беше истакнато на промоцијата на студијата „Проценка на економското влијание од климатските промени“, која е дел од тековните активности на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) за развивање на аналитичкиот и институционалниот капацитет на земјите во транзиција со цел да се проценат економските влијанија од климатските промени.

Студијата нуди прелиминарни проценки на економските влијанија од климатските промени во три области важни за економијата - побарувачката на енергија, водените ресурси и земјоделството и препорачува креаторите на политиките да се насочат кон подобрување на енергетската ефикасност. Нејзина цел е да го потготви теренот за подлабоки испитувања на климатските промени со кои ќе се воспостави врска меѓу физичкото влијание на климатските промени и економските ефекти.

- Науката е јасна климатските промени се тука и се влошуваат, а времето не е на наша страна. Тие предизвикуваат промени кои се побрзи и поглобални од се што се случувало во светот со илјадници години. Штетите што може да ги предизвиаат климатските промени во земјоделството, човечкото здравје, енергијата, шумарството и туризмот ќе предизвикаат високи трошоци во националните економии ширум светот, рече постојаниот претставник на УНДП во Македонија, Дијардре Бојд.

Таа нагласи дека трошоците за воведување мерки за справување со климатските промени ќе бидат многу помали од придобивките што ќе се добијат за избегнување на економските загуби што можат да ги предизвикаат.

- Се надеваме дека извештајот ќе доведе до соработка меѓу засегнатите страни од климатските промени вклучувајќи ги и Владата, НВО, академските и истражувачките институции и приватниот сектор. Очекувам студијата да стане мерило за развојот и климатските промени и да предизвика помала емисија на стакленички гасови во атмосферата, рече Бојд.

Вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски посочи дека треба да се размислува за воведување механизми што ќе обезбедат климатските промени први да бидат верификувани за да можат навремено да се криераат економски политики за ублажување на нивните ефекти.

- Глобалните економски случувања се непосреден ризик што во следната година ќе ни претставуваат проблем, за разлика од нив климатските промени се нешто што ќе има влијание врз економијата и човештвото подолг период. Македонија не треба да стои на страна од глобалните случувања и заради тоа уште од порано имаме започнато активности за намалување на последиците од климатските промени, изјави Пешевски пред почетокот на настанот.

Тој нагласи дека веќе има проекти со Светска банка и со ОН за да се изготват студии за последиците од климатските промени.

- Владата по анализата на добиените резултати ќе настојува да ги вгради колку што е тоа можно и во политиките за наредниот период, рече Пешевски и додаде дека најголемо влијание промените имаат на земјоделството и на енергетиката во Македонија.

Владата, нагласи, веќе има покажано дека им помага на земјоделците да се справат со кризните ситуации, но главната насока во наредните години ќе биде во осовременување на системите за водоснабдување и наводнување.  

Министерот за животна средина и просторно планирање Абдилаќим Адеми истакна дека е од исклучително значење разбирањето на економските влијанија врз климатските промени и оти тоа ќе овозможи подобро оценување при изборот на опциите.

- Особен предизвик за Република Македонија е постапувањето по обврските кои нашата држава ги има во рамките на нејзиниот статус во рамковната конвенција на ОН за климатски промени од една страна и нејзиниот статус на земја-кандидат за полноправно членство во ЕУ. Последното ќе бара постепено изградување на капацитетите за идно вклучување во трговијата со емисии и механизмот за мониторирање, рапортирање и верификување на емисиите на стакленичките гасови, и за тоа ќе треба воведување на збир технички, административни и институционални мерки за собирање и управување со податоците и известувањето, рече Адеми.

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димовски изјави дека МЗШВ веќе подолго време активно е вклучено во заштитата од климатските промени и оти превземаат мерки за справување со нивните последици.

- Македонија е една од четирите земји кои се влезени во овој проект со дефинирани региони во кои има поголеми последици од климатските промени, како што е Пелагонискиот каде има оштетување на поседите од 20 до 30 проценти како последица на сушата. Еден од критичните региони е и Повардарскиот, јужно од Демир Капија каде заедно со КФВ банка се реализира втората фаза од системот за наводнување капка по капка на 4,5 илјади хектари, рече Димовски.

Тој посочи дека последици од климатските промени има и во Радовишко, но и во Пчињско-осоговскиот регион каде се предвидува изградба на неколку мини акумулации за наводнување на земјоделските површини претежно насеани со житарици.

- Презедовме и неколку чекори за стимулирање на земјоделците за да ги променат културите со поотпорни на климатските промени. Во соработка со Факултетот за земјоделски науки и храна од Скопје и МАНУ започнат е проектот за изработка на педолошка карта на земјоделската површина во Македонија која ќе ни даде репер кои култури во кои региони се најпогодни за одгледување. Како надградување ќе се изработи и агрохемиската карта со која ќе се препорача со кои заштитни средства да се третираат најсоодветните култури во регионите, а се изработува и стратегија за производство  на сертифициран семенски и посадочен материјал  за автохтони сорти во Македонија, појасни Димовски и додаде дека се смета оти автохтоните сорти ќе дадат највисоки приноси по единица површина.

За земјоделците, нагласи, се предвидени стимулативни средства за да се обврзат да го користат сертифицираниот семенски материјал на автохтоните сорти во Македонија.