Средба Арифи-Клинтон: Истакната одличната сорaботка меѓу Македонија и САД

Вицепремиерката задолжена за европски прашања Теута Арифи во рамките на посетата на САД се сретна со државниот секретар на САД Хилари Клинтон при што е истакната одличната соработка меѓу двете земји.

На средбата вицепремиерката Арифи ја информираше Клинтон за политичко-безбедносната состојба во земјата и во регионот.

Вицепремиерката Арифи во САД се сретна и со Медлин Олбрајт, поранешен државен секретар на САД и претседател на Националниот демократски институт (НДИ) на која се разговараше за моменталната безбедносна состојба на регионот и натамошните можности за земјите од Западен Балкан по однос на нивната евроатлантска интеграција. Арифи се сретна и со заменик адмиралот Керол М. Потенгер, која е заменик шеф на одделот за развој на вештини во НАТО.

Арифи ги продолжува политичките разговори во Вашингтон на одделни средби со помошникот државен секретар Филип Гордон, со заменикот помошник државен секретар Филип Рикер и со претставници на Конгресот на САД.

Во меѓувреме  ќе одржи предавање во Центарот за меѓународни студии при Универзитетот Џон Хопкинс во Вашингтон.

Вицепремиерката за европски прашања Теута Арифи во САД престојува на покана на државниот секретар на Соединетите Американски Држави Хилари Клинтон, каде присуствуваше на конференцијата насловена како „Проект за жените во јавна служба“, која се одржа во Стејт Департментот.