Министерот Бесими ја заврши официјалната посета на Кина

Со посетата на Центарот за обука за операции за чување на мирот при Министерството за одбрана на НР Кина, министерот за одбрана Фатмир Бесими, придружуван од началникот на ГШ на АРМ Горанчо Котевски, денеска ја заврши официјалната посета на Пекинг.

Целта на посетата на Центарот, нагласи министерот Бесими, е да се разгледаат можностите за користење на програмите за обука за учество во меѓународни мировни мисии од страна на припадниците на АРМ, со оглед на значителното учество на Република Македонија во меѓународните мировни мисии.

Во Центарот за обука, формиран во 2001 година, беа разменети досегашните искуства на мировниците од армиите на Македонија и на Кина, при што по барање на припадниците на кинеската армија што се подготвуваат за мировни мисии македонскиот министер за одбрана и началникот на ГШ на АРМ информираа за учеството на мировниците од АРМ во трите мисии под ОН, НАТО и ЕУ. Притоа, потенцирајќи дека продолжува придонесот на македонските мировници во чувањето на мирот надвор од државните граници, Бесими посочи оти според бројот и процентот на учество на Македонија и на НР Кина во мировните меѓународни мисии, речиси е на исто ниво и тоа од 3 до 5 проценти. Инаку, во моментот АРМ  во трите меѓународни мировни мисии – Авганистан под команда на НАТО, Либија – ОН и Босна и Херцеговина – ЕУ, има над 180 војници. НР Кина има околу 2000 припадници од армијата под команда на ОН во 8 месечни меѓународни мировни мисии.

- Република Македонија во меѓународните мисии зазема солидно место и од аспект на процентот, но и од аспект на квалитетот што го дава. Македонија останува во тие мисии затоа што меѓу другото може најсоодветно да се презентира со сите свои вредности и стратешки определби за придонес во глобалниот мир, изјави министерот Бесими.

За време на посетата на Пекинг, македонскиот министер за одбрана Бесими оствари средба со неговиот кинески колега Лианг Гунагли и со потпретседавачот на централниот воен комитет на НР Кина, Гуо Боксиан, на кои во фокусот на разговорите беа зајакнување на досегашната позитивна соработка и отворање нови можности за нејзино продлабочување, заемна на искуствата во однос на реформите во областа на одбраната и поддршка во меѓународните мировни мисии.

Инаку, досега во рамки на билатералната соработка еден војник од АРМ ја посетувал кинеската командно штабна академија, еден бил во школата за народна одбрана, тројца македонски војници ја посетувале Академијата за боречки вештини и тоа во период од една година, еден војник го посетувал курсот за специјалните сили, додека пак од кинеската армија двајца инструктори шест месеци престојувале во АРМ.

Македонскиот министер за одбрана Бесими и началникот на ГШ на АРМ Котевски го посетија и Националниот универзитет за одбрана.