Потврдена одличната соработка помеѓу министерствата за одбрана на Македонија и на Норвешка

Во македонското Министерство за одбрана денеска престојуваше делегација од Министерството за одбрана на Кралството Норвешка, предводена од морнаричкиот капетан, Гунар Хелое, заменик раководител на Секторот за меѓународна соработка.

За време на посетата, како што соопшти Министерството за одбрана, норвешката делегација оствари средба со заменик министерот за одбрана, и претставници на Министерството и Генералштабот на АРМ. На средбата беше потврдена одличната соработка од областа на одбраната и поддршката која Норвешка и ја дава на Република Македонија. Акцентот на разговорите беше ставен на соработката од областа на воената медицина и проекти кои се од особено значење за двете министерства.

На крајот од средбата норвешките претставници им доделија медали за заслуги на членовите на македонскиот хируршки тим кој заедно со норвешкиот провинциски тим за реконструкција со голем успех ја реализираше петата ротација во мисијата ИСАФ во Авганистан.