Спиро Ристовски заменик министер за образование и наука

Дел од студентите преку таканаречени герила акции, се обидуваат да го свртат вниманието на јавноста околу условите во студентските домови. Кој е вашиот став по однос на ова прашање и што конкретно презема Владата за да се подобрат состојбите?

- Во изминатите неколку години Владата на Република Македонија преку Министерството за образование и наука направи сериозни инвестиции во насока на подобрување на студентскиот стандард, вложувајќи некаде околу 4,5 милиони евра само во унапредувањето на инфраструктурните услови.

Со околу 1,5 милиони евра првпат, по цели 40 години, изградивме комплетно нови сместувачки капацитети, односно 8 современи павилјони во состав на студентскиот дом „Стив Наумов“.

Минатата година дадовме ветување за темелна реконструкција на студентскиот дом „Гоце Делчев“, како објект со најголема приоритетност, поради состојбата во која се наоѓа и поради тоа што се работи за дом кој располага со најголем сместувачки капацитет, така што секоја година има и најголема концентрација на студенти. И еве, тоа наше ветување веќе се реализира. Реконструкцијата се одвива етапно, во неколку фази, за да има доволно простор за сместување на сите заинтересирани студенти во текот на академската година. Можам да кажам дека градежните активности во рамки на првата фаза се целосно заокружени, согласно акцискиот план и предвидената динамика. Темелно е реконструиран блокот Б, што подразбира замена на ѕидните и подните облоги, вратите, прозорците, тоалетите, поставени се нови кујни во сите соби, а некаде кон средината на овој месец, ќе биде потпишан договор за набавка на опрема по што, во текот на ноември објектот ќе биде пуштен во употреба. До овој момент инвестирани се 1,5 милиони евра. Во меѓувреме избрана е фирма за изработка на проектно решение за реконструкција на останатите блокови, мензата и партерот. Следен чекор е отпочнување на постапка за јавна набавка и реализација на активностите за реконструкција на блокот А, од каде студентите ќе се префрлат во веќе реконструираниот дел. Потоа ќе следат блоковите В и Г, така што целосната реконструкција на овој студентски дом, кој и натаму ќе ја задржи архитектонската автентичност, очекуваме да биде заокружена во текот на 2017 година, за што ќе бидат инвестирани околу 6 милиони евра. Да не заборавам да напоменам и дека паралелно се преземаат мерки за замена на лифтовите во овој, но и во дел од останатите студентски домови, каде е нотирана потребата од ваква интервенција, односно инвестиција. Веќе е започната постапката за јавна набавка и оваа работа ќе биде завршена некаде до крајот на тековната календарска година.

Студентите имаат право да го кажат јавно своето мислење. Критичката мисла е, и треба да биде одлика на идните академски граѓани и двигатели на општествениот просперитет. Ги разбирам потребите на студентите за квалитетно студентско сместување и состојбите не се совршени. Потребно е уште многу труд и средства за да се санираат временските последици. И погледнете нападите доаѓаат токму во период кога е започната темелна реконструкција на студентскиот дом „Гоце Делчев“, и тоа од истите политички групи кои иако имаа шанса не преземаа ништо на тој план. Фактичката состојба на домовите сигурно не би била таква каква што е, доколку и во некои други минати времиња и некои други владини гарнитури обезбедеа еден континуитет во инвестициските активности за одржување на условите. За жал, долги години наназад студентите и студентскиот стандард не беа приоритет на народните избраници. Сега состојбата е значително променета во тој дел и затоа сакам да апелирам за трпеливост и за воздржаност, особено од спроведување на одредени активности за кои постојат индиции дека предизвикуваат свесно и намерно уништување на постојниот инвентар во и онака дотраените домови, како начин на изразување на незадоволство. Тоа никому не оди во прилог.

Се работи ли на подобрување на инфраструктурните услови во основното и средното образование?

- Еден од суштинските приоритети во програмата за работа, со која уште во 2006 година како политичка опција ја добивме мнозинската поддршка од граѓаните и веднаш по формирањето на владиниот состав започнавме со интензивна реализација, беше и сé уште е обезбедувањето на што подобри услови за образование за сите ученици во земјата, независно дали живеат во урбаните или пак во руралните средини и населени места. Оценивме дека инвестирањето во условите во училиштата е навистина неопходно, ако се има предвид фактот дека, на пример, последен пат пред 2006 година, ново училиште биле изградно во периодот пред осамостојувањето на Република Македонија. И во изминатите години преку соработката со локалните самоуправи, секаде каде што имаше извесна потреба за санација, делумна или целосна реконструкција, или, пак, за доградба, изградба на комплетно нов објект, постапивме соодветно и реализиравме конкретна инвестиција. Така што, со задоволство би истакнал дека како актуелна Влада досега изградивме 70 нови и реконструиравме 350 основни и средни училишта, со што значително ги подобривме условите за образование за околу 150.000 ученици. Практично инвестиравме некаде околу 42 милиони евра за оваа намена. Дополнително, во тек е и реализација на акциски план кој ќе биде заокружен следната 2016 година, кој предвидува изградба на четири објекти, ново средно училиште во општина Сарај кое е речиси при крај, ново основно училиште „Невена Георгиева Дуња“ во Кисела Вода, доградба на основните „Димитар Поп Георгиев Беровски“ во Ѓорче и „Васил Главинов“ во село Сливник во Велес, како и реконструкција на вкупно 45 други училишни објекти. Така што, ќе стигнеме до износот од 50 милиони евра, кои како Влада сме ги вложиле во 74 новоизградени и 395 реконструирани училишта. Да потсетам и дека паралелно го реализираме проектот за изградба и опремување на училишни спортски сали, во чии рамки досега се изградени 49 современи спортски сали, а уште 10-тина се во фаза на градба. Мислам дека не постои никаква логика за компарација со реализирани инвестиции во периодот пред 2006 година.

Укинување на екстерното тестирање е последното барање на средношколскиот пленум. Дали за Владата овој предлог е прифатлив?

Процесот на екстерната проверка на знаењето на учениците и на објективноста на оценувањето на наставниците е воведен со единствена, општокорисна цел, а тоа е унапредување на севкупниот систем на образование во земјата. На неговата законска, официјална имплементација, односно стапување во сила, претходеше сериозна подготовка во координација со засегнатите страни, како од аспект на формулација на концептот и начинот на спроведување, така и од технички аспект.

Во овие изминати три години, никогаш не рековме дека процесот е совршен. Напротив, во многу наврати самостојно или, пак, по сугестија на сите оние добронамерници, па дури и членови на нашиот најголем конкурент на политичката сцена, кои ја согледаа суштината на процесот, увидувавме потреби за извесни корекции и подобрувања. И тоа континуирано и го правевме.

Сега се решивме да направиме покрупни промени со кои ќе се подобри имплементацијата на процесот, но притоа да не се изгуби неговата суштина и неговата суштинска намена. Така, на последните неколку владини седници разговаравме за некои нови можности, кои во добар дел и се поклопуваат и со сугестиите на дел од чинителите изнесени деновиве по медиумите. Ние сме отворени за можноста за корекции во функција на подобрување на екстерното тестирање чија крајна цел ќе биде добивање на квалитет и ќе биде корисен метод и за самите ученици.

Но, сепак, во периодов кога заеднички со мнозинството чинители одлучуваме да отвориме сеопфатна јавна дебата, од другата страна се појавува една група средношколци, или како што официјално се познати во јавноста средношколски пленум, кои континуирано се обидуваат да го девалвираат процесот, нудејќи притоа предлози, кои се резултат на неконзистентни ставови, односно ставови кои од ден во ден се менуваат. Па така, едно од нивните барања беше промена на моделот, односно примена на словенечкиот модел, ние откако покажавме отвореност, кооперативност и волја да зборуваме за имплементирање на најдобрите практики сега тие бараат целосно укинување. Тоа не е конструктивен предлог и е тотално несериозно и апсурдно да се бара укинување на реформа која значи унапредување на образовниот систем и подигнување на знаењата на учениците. Тоа би значело враќање на неколку чекори наназад и еден ретрограден процес, а ние не можеме да се откажеме како Министерство од нашата суштинска цел на дејствување, а тоа е унапредување на образовните процеси. Јас сум длабоко убеден дека образованието мора да оди напред и дека нашите намери се најискрени. Вложувањата во образованието и повисоките стандарди се заедничка инвестиција за иднината на младите. Така што, повторно потенцирам како Влада и Министерство предвид ќе ги земаме само најдобронамерните предлози и сугестии, без политичка или каква било друга позадина и со намера да се унапреди овој процес. Тоа е нашиот став.

Охрид доби Филмска академија. Какви се вашите очекувања за оваа високо образовна установа?

Основањето на Филмската академија во Охрид е резултат на неколку годишната интензивна соработка, разговори и преговори помеѓу Владата на Република Македонија од една страна и Владата на Чешката Република и петтата најстара филмска и телевизиска школа во светот – ФАМУ од Прага, од друга страна. Првичната идеја беше ФАМУ да отпочне соработка со некоја од нашите високо образовни установи, да понуди некоја од своите програми на наш факултет или пак да отвори дисперзирани студии кај нас. Но, да бидам искрен во подоцнежниот период по првичната иницијатива, на наше огромно задоволство идејата доби една поинаква димензија и дискусиите отидоа во поинаков, за нас позитивен правец. ФАМУ одлучи да ни помогне како земја да добиеме посебна, специјализирана високо образовна установа во областа на филмската продукција, на која ќе се студира, за почеток на втор циклус на студии, по наставни програми согласно нејзините стандарди, принципи и долга традиција, а дел од предавачите ќе бидат токму кадрите кои предаваат и во Прага. Оваа соработката е единствената од ваков тип која ФАМУ воопшто ја има воспоставено, така што како земја треба да бидеме исклучително задоволни од привилегијата за ексклузивна соработка со институцијата каде своето образование го стекнале еминентни личности од областа, како нашиот истакнат професор, режисер, продуцент и сценарист Иво Трајков, режисерите и писатели Јиржи Менцел, Милан Кундера, Милош Форман, Емир Кустурица, Лордан Зафрановиќ и Вацлав Хавел.

Очекувањата се првично дека Филмската академија ќе помогне во создавањето квалитетен кадар, на добро едуцирани студенти кои ќе помогнат во развојот на домашната филмска продукција и во негувањето на македонската филмска уметност, а би придонесувале и воопшто во развојот на глобалната филмска индустрија. Секако, интенцијата е Академијата да прерасне и во регионален центар, каде своето знаење ќе го стекнуваат и студенти од другите земји од регионот и пошироко.  

Уписите на постдипломските студии се во тек. Електронското пријавување се уште трае. Интерес има и се надевам тој дополнително ќе се зголемува, со оглед на тоа што се работи за новина која луѓето полека ја осознаваат, како можност за ваков тип на образование. Како што и најавивме, Министерството ќе додели стипендии на првите 20 запишани студенти, со кои, целосно ќе им бидат покриени трошоците за упис, сместување, исхрана и слично. Деталите за овие стипендии можат да се обезбедат на нашиот специјализиран сајт за доделување стипендии, www.stipendii.mon.gov.mk. Академијата ќе започне со работа во ноември и сметам дека значително ќе придонесе кон афирмацијата и интегрирањето на македонскиот едукативен систем во европскиот образовен простор. Така што, Министерството и Владата ќе продолжат да даваат максимална поддршка кон нејзиниот развој, исто како и кон развојот на сите останати високо образовни установи во земјата.

Извор: МИА

Категорија: