Спасов: За 9 години пензиите зголемени за 70 проценти

Македонија бележи конкретен развој во зајакнување на стандардот на пензионерите. Од 2006 година до денес, ја зголемивме просечната пензија за цели 70 проценти, а најниската за рекордни 84 отсто. Во 2006 година просечната пензија изнесуваше 7.683 денари, а во октомври 2015 истата ќе изнесува 13.073 денари.

Ова денеска пред пензионерите го истакна министерот за труд и социјална политика Диме Спасов на отворањето на  20-тите јубилејни Републички пензионерски спортски натпревари кои се потпокровителство на Владата на Република Македонија.

- За разлика од другите држави во Република Македонија пензиите се исплатуваат редовно и се врши усогласување и континуирано зголемување. Грижата за здравјето и здравиот начин на живот се особено важни во староста, бидејќи го продолжуваат животниот век но е од интерес и за самата држава, истакна Спасов.

Информираше дека денеска Министерството за труд и социјална политика го објавила јавникот повик за корисниците на пензија за користење на проектот бесплатна бањско-климатска рекреација за 2016 година.

Заклучно со 2015 година, овој проект опфатил 33.000 корисници на пензија, додека за 2016 година, рече Спасов, обезбедени се финансиски  средства во износ од 38 милиони денари за покривање на престојот на 5.000  пензионери.

- Приоритет ќе имаат оние кои имаат пониски пензии, посебен приоритет  ќе имаат лицата со инвалидитет, како и пензионираните рудари коишто работеле во подземен ископ, рече Спасов.

Информира дека во наредната година треба да продолжи втората фаза на активностите за значително подобрување на условите за живот на пезнионерите коишто живеат во пензионерски домови, а се со пониски пензии. Како Влада, рече министерот Спасов, овозможиле и поволности за инвеститори од земјата и странство, за изградба и проширување на установи за згрижување на стари лица.

Министерот ги поздрави пензионерските спортски натпревари кои се одржуваат во чест на 69 години од пензионерското организирање во Македонија и 24 години од создавањето на независна македонска држава и ги прогласи за отворени.

Претседателот на Сојуз на здруженија на пензионери на Македонија, Драги Аргировски пред присутните потсети дека на првите пензионерски спортски натправари учествувале околу 40-тина натпреварувачи. Денеска, рече тој, ќе се натпреваруваат околу 400 натпреварувачи и додаде дека е зголемен и бројот на публиката која доаѓа на овие натпревари.

За градоначалникот на општина Бутел Петре Латиновски, чест е што пензионерските спортски натпревари се одржуваат во нивната општина. Тој во ова пригода им посака пријатен престој на пензионерите и им порача дека сите се победници на овие натпревари.

Пензионерите ќе се натпреваруваат во 11 дисциплини на кои ќе учествуваат 397 најдобри натпреварувачи од 41 здружение на пензионери.