Поповски: Македонското членство во Алијансата е повеќе од заслужено

Реформите кои Македонија ги имплементираше за време на Акцискиот план за членство, како и македонската посветеност на операциите на НАТО, јасно покажува дека македонското членство во Алијансата е повеќе од заслужено. Ја нотираме одлуката на Меѓународниот суд на правдата во Хаг и ја потврдуваме нашата поддршка за полноправно членство на Македонија во НАТО.

Ова се вели во заедничката Декларација што ја усвоија земјите членки на Повелбата за партнерство меѓу Македонија, Албанија, Хрватска, Црна Гора, Босна и Херцеговина и САД - таканаречената Јадранска повелба, по состанокот кој се одржа денеска во Тирана, а на кој учествуваше и министерот за надворешни работи Никола Поповски.

Тој изјави дека учесниците имале можност да разменат мислења во пресрет на Самитот на НАТО во Чикаго. Клучни одлуки, истакна Попоски, би требало да се донесат од аспект на НАТО и натамошната интеграција на земјите од регионот кои се уште не се земји членки на Алијансата.

- Од аспект на Република Македонија, тоа што е најзначајно е дека ние дејствуваме како дефакто земја членка на НАТО. Тоа е од сите признато и многу видливо и нашата контрибуција е насекаде ценета. Тоа што сметаме дека е логичен сплет на одлуки е таа наша контрибуција и дејствување да прерасне и во реално членство во НАТО, рече Попоски.

Денес, посочи тој, никој не се двоуми околу нашите заслуги. - Фактот што имаме и една правна потврда за заслуженото членство во НАТО е уште еден дополнителен елемент кој, во семејство каде владеењето на правото е навистина клучно, не може да биде игнориран, истакна Попоски.

Според него, тоа ќе придонесе кон побрза реализација и потврдување на мирот, стабилноста и регионалната соработка на Балканот.

- Тој процес е веќе успешен и сега работиме интензивно на воспоставување на нашата видливост како регион на меѓународен план. Активностите кои се одвиваат во рамки на ИСАФ мисијата во НАТО беа во фокусот на дискусиите. Заклучоците беа позитивни, рече Попоски и додаде дека тоа што ни е потребно во идниот период е да се фокусираме и на други домени на соработка за кои НАТО има искажано интерес.