Презентирана новата дата база за евиденција на лица во социјален ризик

Министерството за труд и социјална политика (МТСП) денеска ја презентираше новата дата базата, популарно наречена Ресурсен центар за лица во социјален ризик, проект реализиран од ЈУ Завод за социјални дејности со поддршка од Канцеларијата на УНИЦЕФ во Скопје.  

Станува збор за електронска база на податоци во која се воведува изедначена електронска евиденција на корисниците на социјални услуги, евидентирани во сите центри за социјална работа во Македонија. Преку неа, ќе може во секое време да се добие извештај за бројот на евидентирани лица во дефинирани социјални ризици.

Со неа се воспоставија 30 локални и една национална база за корисниците на социјални услуги. Преку базата се овозможува квантитативна и квалитативна анализа на податоците.

- Проектот е практично дел од суштинска реформа која се реализира во Министерството. Овде сме да му кажеме збогум на рачното администратирање кое досега го вршеа стручните служби во центрите за социјална работа и одземаше голем дел од работното време, рече министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски на денешната прес-конференција.

Министерот информираше дека начинот на реализација на дата базата е прогласен за најдобра пракса од страна на Канцеларијата на УНИЦЕФ во Њујорк.

Амбасадорот на УНИЦЕФ Шелдон Јет рече дека службите конечно можат да се ослободат од рачното внесување на податоците во хартиени досиеја и оти новата дата база во голема мера го олеснува следењето на корисниците на социјална помош.

- Оваа иницијатива е пресуден елемент во непрекинатите напори да се поврзат основните бази на податоци, односно користењето на социјални услуги што ги обезбедуваат центрите за социјална работа, како и паричната помош која ја добиваат ваквите ранливи популации, истакна Јет.

Тој појасни дека базата ќе обезбеди сигурни податоци за бројот на корисници на социјални услуги и бенефиции, за видот на социјални услуги и за потребата од дополнителни услуги. Најранливите групи, преку базата, додаде Јет, ќе ја добијат потребната поддршка, а ваквиот систем ќе овозможи креаторите на политиките да имаат целосна анализа на состојбата.

Стручниот тим на Заводот за социјални дејности веќе изврши обука на сите стручни работници вработени во центрите за социјална работа за начинот на внесување на податоците и досега во базата внесени се 27.000 корисници на услуги.