ММФ: Здравите економски политики ќе и помогнат на Македонија да се заштити од должничката криза во ЕУ

Здравите севкупни макроекономски политики, нискиот јавен долг и ограничени прекугранични финансиски врски треба да помогнат Македонија да се заштити од влијанието на негативните надворешни услови во Европа. Сепак, властите треба да бидат подготвени да одговорат на забавувањето на растот и зголемените ризици.

Тоа  го оцени  денеска Мисијата на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) кој прогнозира раст на македонската економија од два проценти во 2012 година. Прелиминарната проекција на ММФ ја соопшти денеска шефот на Мисијата Вес Мек Гру  на заедничка прес-конференција со вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески и гувернерот на НБРМ Димитар Богов, по средбите што ги имаше во изминатите две недели со претставници на Владата, на Народната банка  и на приватниот сектор.

- Постојат неколку фактори кои  може да и помогнат на Македонија да се заштити од неповолните случувања во еврозозоната. Еден  од  факторите е нискиот јавен долг, нискиот фискален дефицит, како и малиот дефицит на тековната сметка. Многу  е важен и  фактот дека банките во земјата не се потпираат значително на надворешено финансирање, појасни Мек Гру.

Мисијата на ММФ смета дека дефицитот што го проектира Владата од 2,5 проценти од БДП во 2012 година е соодветен на економските перспективи, но на среден рок смета укажува оти би било важно да се намали со цел да се зачува одржливоста на долгот како и да се одржи простор за одговор на идните економски циклуси.

Според Мек Гру, приходите  следната година ќе бидат пониски од предвиденото во буџетот. Ги поттикнуваме  властите да ги следат случувањата со цел да можат брзо и соодветено да реагираат со расходите за да се надомести помалиот износ на приходи, рече Мек Гру.

ММФ воедно ја охрабрува Владата во напорите за зајакнување на стратегијата за управување со јавен долг и во зголемувањето на домашниот должнички пазар. Ова е потребно со цел да се намали потпирањето на надворешите должнички пазари што може да бидат неочекувани и непредвидливи како резултат од настаните надвор од Македонија. Во споредба со другите земји од регионот и пошироко, големината на домашниот јавен долг е мала што остава мислење дека има значителен простор за зголемување, смета ММФ.

Македонија, укажуваат од Мисијата на ММФ, треба да биде подготвена на послаб раст кај нејзините трговски партнери, со негативни ризици следнава година. Тоа што земјата има историја на здрави макроекономски и финансиски политики како и ограничен број на нерамнотежи и овозможуваат значајна заштита. Но сепак, властите треба да имаат однапред план за забавување на растот и да бидат подготвени во случај на зголемени ризици, оценува Мисијата. Со оглед дека не очекуваат состојби кои се менуваат од недела во недела гледано во целина го делиме мислењето на ММФ  дека се зголемуваат ризиците за  развојот на економијата поради случувањата во Европа во последните два месеца, оцени вицепремиерот Ставрески. 

 Таквите случувања, според него, бараат адаптибилност на ситуацијата, промени доколку е потребно и  флексибилнсот во однос на проекциите.

- Нашите очекувања се дека следната година  буџетскиот дефицит и буџетот ќе ја издржат кризата и оти ќе  успееме да останеме во рамки на ниско ниво на буџетски дефицит од 2,5 проценти што во исто време постигнува две цели – да  делува позитивно врз економијата со оглед на тоа дека предвидува зголемени капитални  инвестиции за 28 проценти,  а од друга страна сепак нема да го загрози фактот дека Македонија  има ниско ниво  на јавен долг и треба да остане земја со ниско ниво на задолженост имајќи предвид какви состојби имаме во земјите што имаат висока задолженост во Европа, рече Ставрески.

Така како што е проектиран буџетот,  додаде, содржи елементи на резерви во однос на евентуалните промени во стапката на економски раст бидејќи  поконзервативно се планирани и приходите и расходите во однос на она што се оценува како номинален  економски раст за следната година.

- Она што е најзначајно е да останеме активни  во ситуација ако има  потреба и ако тоа го налагаат случувањата во Европа, ако последиците од европските состојби го бараат тоа во секое време како и досега Владата  ќе направи соодветни промени во  буџетот и во вкупните економски политики бидејќи само преку таков одговорен  и проактивен пристап  кон конципирањето на буџетот  и буџетската политика може да се опстане во вакви тешки  кризни времиња што се надвиснуваат над Европа што ќе има последици за Македонија поради намалената извозна побарувачка, појасни Ставрески.

Тој најави дека ќе се почитуваат препораките на ММФ за развој на долгорочни хартии  од вредност на домашниот пазар. Во таа насока Министерството за финансии во 2012 година ќе предвиди аукции на кои ќе понуди подолгорочни хартии од вредност со цел да има поразвиен спектар на хартии од вредност.

Коментирајќи ги разликите во проекциите  за растот на Владата и на ММФ,  вицепремиерот  посочи дека такви разлики отсекогаш  постоеле, но и оти отсекогаш имало ситуации кога проекциите на ММФ биле поконзервативни во однос на тие на владите.  – Во секој слулај најважно е да се биде проактивен во каква било ситуација. Која проекција  ќе се исполни ќе покаже развојот на настаните, тоа ќе зависи пред се од Европа и во еден дел од политиките кои ги имаме во земјата кои  покажаа дека се поздрави во однос на многу земји од регионот и Европа. Владата како и претходно покажа и има историјат на дисциплинирано спроведување на политиките  и она што го ветуваме го  исполнуваме во делот на одржување на ниско ниво на  буџетски дефицит. Ако настаните го налагаат тоа во текот на годината ќе има прилагодувања на буџетот но сепак треба  да се постигне оној баланс меѓу мерките на рестриктивност и економскиот раст да не се сузбие целосно. Во таа насока реализацијата на проектите во текот на годината и на буџетот на сите стапки на расходната страна ќе покаже ако има потреба да се интервенира односно ќе се интервенира  таму каде што има послаба реализација, нагласи вицепремиерот.

Гувернерот Богов од своја страна оцени дека монетарната политика  во 2012 година ќе биде поставена содветно на предизвиците кои постојат. НБРМ ќе ги следи постојано случувањата и зависно од тоа ќе ги  корегира своите инструменти со цел да ја задржи стабилноста,  односно ниската инфлација, стабилниот курс на денарот и  да не го загрози банкарскиот сектор.   Според Богов, од почетокот на месецов има пораст на депозитите во девизи на населението за 1,2 милијарди денари милијарда  и за 1,5 милијарди денари на депозитите во денари. - Тоа укажува дека  и во ваква ситуација со сите тензии кои постоеја во нашето опкружување односно во ЕУ и неизвеснота околу опстанокот на еврото нашите граѓани ја задржаа рационалнсота и веруваат на институциите, истакна Богов.