Нова опрема ќе добие Општата болница во Велес

Нова опрема во вредност од 6,2 милиони денари ќе биде набавена за Општата болница во Велес, за што постапка веќе отпочна Министерството за здравство.

Министерот за здравство Никола Тодоров денеска на прес-конференција  информираше за повеќе мерки кои ги преземаат за зајакнување на специјалностите во Општата болница во Велес. Тој рече дека потребите од набавка на нова опрема ги детектирале со темелна анализа на податоците од системот МојТермин, која покажала во кои специјалности има најголем број упатувања на пациенти кон скопските клиники и кон Градската општа болница „8 Септември“.

- За илустрација, во изминатите шест месеци од почетокот на годинава, од Општата болница Велес во сите специјалности се креирани 4.250 упати кон универзитетските клиники во Скопје и ГОБ „8 Септември“. Конкретно, во специјалноста гастроентерохепатологија се креирани 192 упати кон скопските клиники и ГОБ, додека во специјалноста урологија се креирани 130 упати кон тие јавни здравствени установи, посочи Тодоров.

Оттука ја детектирале потребата со оваа постапка за јавна набавка за потребите на Велешката болница да се набави: ендоскопски сет за урологија (уретоскоп, цистоскоп, ресектоскоп), гастроскоп и апарат за анестезија.

Покрај тоа што овие специјалности ќе ги зајакнеме со нова опрема, потенцира министерот, во областа на гастроентерохепатологија една докторка годинава почнува специјализација, така што таа специјалност ќе биде дополнително и кадровски зајакната.

- Освен со набавка на нова опрема, дополнително го зајакнуваме капацитетот на оделението за урологија, со тоа што почнувајќи од овој месец, по три пати неделно доаѓаат доктори од Клиниката за урологија кои работат и амбулантски прегледи и интервенции. Ова е многу значајна мерка со која ќе овозможиме за релативно краток временски период докторите од клиника да ги пренесат искуствата на колегите, а воедно специјалистите – уролози од Велешката болница да ги доусовршат вештините во оваа област, рече Тодоров.

Тој укажа дека на ваков принцип ги зајакнуваат и специјалностите дерматовенерологија и неврологија (во делот на ЕЕГ и ЕМГ дијагностика). За овие специјалности, појасни, во првите шест месеци од годинава се креирани 313 упати за дерматовенерологија и 160 упати за ЕЕГ и ЕМГ дијагностика.

- Токму затоа, со цел да се редуцира бројот на упатувања кон скопските клиники, во областа на дерматовенерологија воведовме мерка почнувајќи од овој месец (конкретно од 10 јули) доктори од Клиниката за дерматовенерологија да доаѓаат два пати неделно, за дополнителна едукација на докторите-дерматовенеролози од Велешката болница, а воедно во периодот додека се таму докторите од клиника вршат и амбулантски прегледи, истакна Тодоров.

Нагласи дека веќе е изготвен и план за работа на седум доктори од клиника, кои во претстојниот период ќе бидат ангажирани за зајакнување на оваа специјалност во општата болница во Велес.

- Се фокусираме и на специјалноста неврологија, поконкретно во делот на дијагностичките методи ЕЕГ и ЕМГ, за кои веќе е отпочната едукација на докторите-невролози од болницата во рамки на Клиниката за неврологија. За почеток, за време на летните одмори еден доктор доаѓа на едукација (секој втор ден) на клиниката, а од септември ќе отпочне едукацијата и на други двајца доктори, кои на ротациска основа ќе се едуцираат на клиниката, рече Тодоров.

Досега, посочи министерот, 40 здравствени работници од Велешката болница се испратени на едукација во реномирани медицински центри во странство (во периодот 2013 – 2015 година). Појасни дека едукациите се во различни медицински области (неврологија, урологија, гинекологија и акушерство, анестезиологија, инфектологија, и др.), а се реализираат во медицински центри во повеќе држави, меѓу кои Германија, Словенија, Бугарија, Турција.

Тој очекува дека со сите овие мерки ќе овозможат значително зајакнување на капацитетот на Општата болница во Велес кон која гравитираат околу 115.000 жители од велешкиот регион, како и околните населени места.

- Министерството за здравство продолжува со воспоставената практика за зајакнување специјалности во општите болници низ државата, од која бенефит имаат самите пациенти кои поголем број здравствени услуги ги добиваат поблиску до местото на живеење, а воедно бенефит имаат и скопските клиники и градската општа болница кон кои упатувањето пациенти е редуцирано, додаде Тодоров.