Над 40 милиони денари за нова опрема и реконструкција на Кумановската болница

Повеќе од 40 милиони денари за нова опрема и реконструкција на Општата болница во Куманово ќе инвестира Министерството за здравство, со што се очекува значително подигнување на нивото на квалитет во оваа јавна здравствена установа кон која гравитираат над 200.000 жители од градот и околниот регион.

Министерот за здравство Никола Тодоров денеска на прес-конференција рече дека во тек е изработка на основен проект за изградба на нов Ургентен хируршки центар во рамки на Општата болница во Куманово. Посочи дека веќе е изработен идејниот проект за нов Ургентен центар.

Објектот, нагласи министерот, ќе се состои од приземје и кат, со површина околу 600 м2, а ќе се гради до местото, каде што се наоѓаат постојните ургентни амбуланти на интернистичкиот оддел, така што овие објекти ќе се поврзат и ќе се добие една целина на ургентен центар.

- Во ургентниот центар ќе има комплетна дијагностика и за хируршки и за интернистички ургентни состојби, односно во објектот ќе бидат поставени и рендген апаратот и апаратот за компјутерска томографија. Новиот Ургентен хируршки центар ќе содржи: итна хируршка амбуланта, соба за дневна болница, ортопедска амбуланта, уролошка амбуланта, анестезиолошка амбуланта, и други простории, истакна Тодоров и додаде дека станува збор за инвестиција во вредност од над 20 милиони денари која се очекува да заврши до крајот на 2016 година.

Од аспект на опрема, информира тој, Министерството за здравство веќе распиша тендер за набавка на нова опрема во вредност од 20 милиони денари, со која ќе се унапреди функционирањето на повеќе специјалности во болницата.

Потенцира дека станува збор за следните апарати: ЕМГ апарат, хируршка опрема, која опфаќа Лигешур опрема за затворање крвни садови во тек на интервенција, пневматски турник, итн., респиратор - машина за дишење, перфузори, инфузомати, сет лапараскопски инструменти, грејач за тело и апарат за компресија на нозе.

- Се фокусираме и на зајакнување на капацитетите во конкретни специјалности, за кои со анализа на податоците од системот МојТермин, увидовме дека е релативно голем бројот на упатувања кон универзитетските клиники и ГОБ „8 Септември“ во Скопје (евидентирани се 8.639 упати од сите специјалности кон клиниките и ГОБ „8 Септември“ за изминатите 6 месеци), рече Тодоров.

Појасни дека анализата покажала во кои специјалности се најчести упатувањата, и токму затоа решиле да се фокусираат на зајакнување на следните специјалности: гастроентерохепатологија (креирани се 733 упати кон скопските клиники и ГОБ „8 Септември“ за изминатите шест месеци), дигестивна хирургија (креирани се 268 упати кон скопските клиники и ГОБ „8 Септември“ за изминатите шест месеци), неврологија, особено во делот на дијагностичката процедура за повеќе невролошки заболувања - ЕМГ (електромиографија), за која во изминатите шест месеци се креирани 80 упати.

- Со цел унапредување на работата на одделението за неврологија, во рамки на набавката на нова опрема, предвидуваме нов ЕМГ апарат, кој претставува многу значајна дијагностика за невролошките заболувања. На овој начин, значително ќе се редуцира бројот на упатувања од оваа специјалност кон скопските клиники, пациентите од Куманово и регионот ќе ја добиваат оваа здравствена услуга поблиску до местото на живеење, а воедно сериозно ќе се подобри дијагностиката на невролошки заболувања во оваа општа болница, рече Тодоров.

Дополнително ќе ги зајакнат и специјалностите дигестивна хирургија. Укажа дека од минатата година двајца доктори се на специјализација, а дополнително ќе предвидат уште една супспецијализација во оваа област со измена на Програмата за специјализации и супспецијализации. Во областа на гастроентерохепатологија во Програмата за 2015 година, посочи министерот, веќе е предвидена една специјализација по гастроенетерохепатологија, а дополнително една супспецијализација ќе се предвиди со измена на Програмата. Во хируршкиот дел биде зајакнат капацитетот со уште еден општ хирург, за кој е во тек постапката на преземање од приватно во јавно здравство.

Во областа на гастроентерохепатологија, Тодоров најави уште една значајна новина, а тоа е зајакнување во делот на ендоскопските дијагностички методи, односно гастроскопија и колоноскопија.

- Кумановската болница веќе склучи договор со приватна здравствена установа за специјалист-гастроентерохепатолог два пати неделно да доаѓа во таа ЈЗУ и да врши гастроскопии и колоноскопии (предвидено е во просек да се вршат по 12 гастроскопии и 6 колоноскопии неделно). На овој начин, ќе овозможиме овие значајни дијагностички методи да се вршат во Кумановската болница, со што пациентите ќе ја добиваат услугата во своето место на живеење и ќе се редуцира упатувањето кон скопските клиники, истакна Тодоров.

Тој очекува дека со сите овие инвестиции значително ќе се подигне квалитетот на здравствените услуги за жителите од Куманово и околниот регион, односно ќе се овозможи некои здравствени услуги за кои досега биле упатувани во Скопје, тие да ги добијат поблиску до местото на живеење, а со тоа истовремено ќе се растоварат и скопските клиники.

- Министерството за здравство континуирано се фокусира на вложување во нова опрема и реконструкција на здравствената инфраструктура, како носечки столбови на квалитетна здравствена заштита, додаде Тодоров.