Груевски: На Македонија да и се овозможи исчекор во евроатлантските интеграции

Од страна на ЕПП, Груевски беше најавен како лидер кој победува во неколку изборни циклуси, сериозно ја модернизира земјата, а под негово водство, како што рече официјалниот водител на конгресот, Република Македонија во изминатите неколку години има направено исклучителен напредок и е земја пример за успешно напредување. Тој беше најавен и како како лидер кој успешно чекори кон ЕУ.

Јадрото на економскиот, културниот, образовниот и општествениот развој, според Груевски, секогаш се наоѓа во Европа. Премиерот во своето обраќање на дводневниот конгрес  потенцираше оти предизвиците на патот на постојаното унапредување и усовршување не прават само посилни и поуспешни.
 
- Иако не се нималку наивни, не се непремостливи, напротив, ние имаме моќ да ги надминеме, смета премиерот Груевски. 

Според него, политичкото лидерство во услови на големи предизвици несомнено е врвна одговорност. 

- Потребна е голема посветеност, врвна мудрост, висока свест и совест, стратешки пристап и способност за антиципација на случувањата и креација на решенија за надминување на предизвиците. Поддршката која ја добиваме од европските граѓани ги надополнуваат нашите вредности, исклучително потребни за да се изнајдат патиштата кон новиот успех, рече Груевски.
 
Токму таа поддршка, посочи премиерот, треба да ни биде најголем мотив кон предизвиците да се впуштиме смело и подготвено, да ги согледаме низ призмата на соочување со нив со цел да ги надминеме, охрабрени дека поседуваме квалитет за да се справиме со нив. 
 
- Индивидуалноста определува насочување на енергијата кон инвестирање во граѓанинот, во неговото знаење, вештини, во модернизација на образованието како услов за градење на продуктивни нови генерации, на развој на претприемачкиот дух во секој европеец, како средства за постигнување на сопствена и благосостојба на семејствата. Вербата во индивидуалноста е значајна и за политичкото лидерство, на верувањето во нашите потенцијали, да влечеме мудри одлуки, затоа што успехот не е ништо друго, туку резултат на правилен избор на добри одлуки, посочи Груевски. 
 
Во своето обраќање пред присутните од партиите членки на ЕПП, македонскиот премиер истакна дека солидарноста овозможува заедничка соработка меѓу граѓаните, субјектите и нациите, влог во напорите за реализација на мерки и политики со кои ќе се превенираат негативните ефекти на финансиските и економски кризи, на намалување на ефектите од истите, а заедничките деловни потфати на линија на заедници и држави, или на линија на јавен и приватен сектор ќе овозможат стабилност и создавање услови за нови позитивни циклуси.

- Овие два постулата, надополнети со поентите на супсидијарноста, олицетворени преку остварување поголема инклузија на граѓаните во донесувањето одлуки кои се однесуваат на нив, на ширење на полето на заеднички одговор на предизвиците, како и комплетна реализацијата на идејата за држава на благосостојба, надополнета со економската соработка, зајакнување на  меѓусебната трговијата и инвестициите, реализацијата на капитални проекти во областа на инфраструктурата и енергетиката, заедничкиот настап на европски субјекти на светските пазари, и соработката со монетарната власт, ќе овозможат забрзана економска консолидација како најдобар предуслов за понатамошен развој на демократијата и нејзина одбрана од деструктивните сили на голиот опортунизам, смета Груевски.
 
Тој рече дека доброто владеење, доследното владеење на правото, ефикасна јавна администрација ориентирана кон граѓаните, независно судство и транспарентност во работењето на властите и зајакнување на дијалогот со граѓанскиот сектор, социјалната инклузија со особен осврт кон маргиналните и социјално ранливите категории на граѓани, како и градење на култура на социјална правда, ќе создадат потребна синергија на државата и граѓаните во остварување на поставените цели.
 
Во својот говор, премиерот се осврна на евроатланските интеграции на Република Македонија и почитувањето на одлуката на Меѓународниот суд на правдата во Хаг објавена неодамна во корист на Македонија, а во врска со спорот за името со Грција. Движењето на земјата напред на европскиот и евроатлантскиот интегративен пат, истакна, е мал, но значаен придонес за одењето на Европа напред, а најголема корист од него ќе има целиот регион.
 
- Европа ќе продолжи да се движи напред и кога говориме за одењето напред треба да акцентираме дека катализатор на тој општ позитивен исчекор мора и треба да биде движењето напред на секој член на семејството на европски народи. Дел од тој дух опфаќа на мојата земја да и биде овозможено да исчекори напред на полето на европските и евроатлантски интеграции и да ги отпочне преговорите за членство во Европската унија. Сметам дека е рационално и исправно на Европскиот совет да биде прифатена препораката на Европската комисија за определување датум за почеток на преговори. Тоа ќе значи разбирање за потребите и интересите на моите граѓани да имаат услови за понатамошен социо-економски развој, за нови реформи и модернизација и за создавање на нови дела базирани на европските вредности, рече Груевски.
 
Дополнително светло на оваа мотивација и можност за напредок, посочи, дава ставот на Судот во Хаг дека на мојата земја треба да и се овозможи интеграција во меѓународните структури, во НАТО и ЕУ, без дополнителни услови. 
 
- Овој став на Судот, чии основачи се Обединетите нации, меѓу кои основачи се и земјите кои се претставувани во ЕПП преку нашите партии, Суд кој е најголем гарант на меѓународното право и чија работа е базирана на високите европски вредности на слобода, правда, владеење на правото и еднаквост, ни дава нов мотив да ги надминеме сите предизвици кои постојат на патот на европската и евроатлантската интеграција, остварувајќи односи на пријателство и соработка со сите земји-членки на унијата, а особено со сите земји од нашиот регион, првенствено со соседите, потецнираше премиерот.
 
Груевски верува оти ЕПП и Европскиот совет ќе ги почитуваат и валоризираат овие вредности на Судот.
 
- ЕПП има политичко лидерство кое сака напредок и прави напредок и вашата помош ќе е силно охрабрување за една мала земја со голема верба во европските и евроатлантските принципи за правда и еднаквост, како што е мојата, заврши Груевски.
 
Европската народна партија во својот состав има 74 партии-членки од 39 земји, меѓу кои и ВМРО-ДПМНЕ. ЕПП со 288 пратеници е најсилната политичка групација во Европскиот парламент.
 
Влијанието на Европската народна партија е одлучувачко на повеќе нивоа, вклучувајќи ги раководните функции на трите најзначајни европски институции Европскиот совет, Европската комисија и Европскиот парламент.
 
На конгресот во Марсеј најавено е присуство на околу 1.000 делегати од 39-те земји. Се очекува присуство на францускиот претседател  Никола Саркози, германската канцеларка Ангела Меркел, унгарскиот премер Виктор Орбан, поранешниот италијански премиер Силвио Берлускони и други познати имиња од европската политичка сцена.