Ставрески: Ќе се повлечат 23 милиони евра од кредитната линија од ЕИБ за помош на малите и средни претпријатија

Во најкраток можен рок ќе се повлечат средства од кредитната линија од Европската инвестициска банка со цел да им помогнеме на малите и средни претпријатија во Македонија. Дваесет и три милиони евра очекуваме да бидат во функција на поддршка на ликвидноста и инвестиционите планови на македонските компании. Имавме согласност од банките и од претставниците на стопанските комори дека е остварливо до крајот на годинава да се повлечат 23 милиони евра, што ќе биде значајна инфузија за македонското стопанство.

Ова попладнево го изјави вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески по седницата на Економскиот совет на која, како што рече, се разгледани можностите за забрзување на одредени кредитни линии кои се во функција на поддршка на стопанството.

Тој посочи дека на седницата присуствувале претставници од сите стопански комори во Македонија со цел да се дискутира за актуелните состојби во македонската и европската економија, размислувањата на стопанствениците, како и за тоа заеднички Владата и стопанствениците да најдат најдобри решенија за излез од сегашните предизвици кои се главно поврзани со кризата во европската економија.

- Се договоривме останати проекти кои веќе се наоѓаат во рамките на банките и на нивните разгледувања да бидат побрзо ефектуирани односно има добри шанси до крајот на годинава уште за 20 милиони евра да испратиме бараме за Европската инвестициска банка да ги одобри тие проекти што значи дека заедно со сегашните околу 120-130 проекти и 100 други проекти тоа значи помош за преку 250 македонски компании која би се реализирала во наредните месец до два месеца, рече Ставрески.

На тој начин, појасни тој, ќе се создадат и услови за повлекување на останатите 100 милиони евра, односно да испратиме барање до Европската инвестициска банка да ги одобри и останатите 100 милиони евра за кои разговаравме со нив за поддршка на малите и средни претпријатија, така што за првите шест до девет месеци од следната година би имале нови 100 милиони евра.

- Во вакви услови кога логично е заради состојбите во европската економија банкарските кредити се поограничени тоа би претставувало голем придонес во функција на ликвидност на економијата, ликвидност на малите претпријатија и нивни инвестиции. Беше оценето од страна на стопанските комори дека ова е еден од најдобрите проекти што Владата ги направила за стопанството во изминатите шест години бидејќи токму помогна да се надминат ефектите од кризата и да влезат свежи пари во македонската економија, истакна Ставрески.

Тој рече дека имало и други идеи кои ќе треба понатаму да се разгледаат во рамки на владините тела и стручни лица и да се добијат предлози како Владата со натамошни активности и мерки да помогне на македонското стопанство бидејќи, како што посочи, очигледно е дека времињата се сериозни и мора заеднички да се направи напор со најмали можни последици за да се излезе од оваа ситуација.

Во таа насока, потенцира Ставрески, едно од прашањата кое се дискутираше беше и капиталните инвестиции кои од страна на стопанствениците се оценуваат како исклучително добри и значајни политики на Владата.

- Беше позитивно оценето тоа што во првите 11 месеци од оваа година реализацијата на капиталните инвестиции е за 17 отсто повисока од лани што е потврда и исполнувањето на ветувањето дека ќе ја забрзаме реализацијата на капиталните инвестиции и фактот што тие се планирани на многу повисоко ниво оваа година од лани, а и реализацијата е подобра покажува дека многу повеќе пари по таа основа влегле во македонската економија, рече Ставрески.