Адеми: Поради загадениот воздух инспекции во индустриските капацитети

Инспекторите на Министерството за животна средина преку инспекции ја следат состојбата во  индустриските капацитети за да го утврдат нивниот удел во загадувањето на воздухот во Скопје. Како дел од мерките за надминување на состојбата Град Скопје треба да воведе промени во сообраќајниот режим во централното подрачје,  во јавниот превоз да вклучи понови и еколошки автобуси и да ги намалат билетите во автобускиот превоз во зимскиот период.

Тоа го информира денеска министерот за животна средина и просторно планирање Абдилаќим Адеми, одговараќи на новинарски прашања пред средбата со невладините организации.

Министерството за животна средина досега издало 30 А интегрирани дозволи за индустриски капацитети во цела Македонија, а за 28  е во тек постапка. - Четири од нив се токму големите капацитети во Скопје,  но без оглед што ја немаат интегрираната дозвола, ги следиме состојбите и со тие големи  капацитети. Токму затоа денеска инспекторите се на терен и очекуваме резултати, рече Адеми.

Според него, мерките кои се преземаат со Градот Скопје не можат да дадат резултати од денес за утре, но, како што рече, зависно од климатските промени  квалитетот на воздухот се менува во позитивна насока.

За состојбата со загадениот воздух Адеми најави  разговари со невладините организации, од кои сакал да слушне предлози и за  големите загадувачи, климатските промени,  за нивно вклучување во постапките околу добивање интегрирани дозволи и во реализација на плановите на општините и на Министерството. -  Целта е да ги запознаеме со нашите  приоритети, но и да разговараме за нивните проблеми  и како може да бидат вклучени во сите процедури и постапки, рече Адеми.

Од граѓанските организации од областа на екологијата велат дека не можат да кажат кој е најголемиот загадувач  кај индустриските капацитети,  бидејќи, како што тврдат,  тие не им дозволуваат да влезат во нивните кругови.  Покрај големите загадувачи, за загадувањето на воздухот, според нив, влијае нискиот стандард поради што граѓаните за огрев користат дрва, низ улиците се возат стари возила, но и горивото што се користи неквалитетното гориво што се користи.

 -  Сиромаштијата е најголем загадувач затоа што со покачување на цената на парното, граѓаните се повеќе се ориентираат на алтернативни грејни тела.  Во зграда во Центар на Скопје со 55 стана 12 се греат на дрва. Има ли поголем загадувач од тоа? Исто така и автомобилите кои ги возиме се постари, но и тоа што имаме едно од понеквалитените горива во регионот и пошироко. Истовремено значаен дел од градбите во центарот предизвикуваат прав, изјави Душко Христов од невладината организација „Тричетврти балкански мостови Скопје“.

Според мерењето на веб страницата „Скопје дише“ во центарот на Скопје од изутрината квалитетот на воздухот е опасен по здравјето на луѓето, со индекс од  356. Како мерка за претпазливост се препорачува сите лица да избегнуваат секаква физичка активност на отворено.  Прашината е застапена со 504,59 микрограми на кубен метар.